HomeДЕНЕШНАРепубликаПродаден имотот на рудниците „Злетово“ и „Тораница“

Продаден имотот на рудниците „Злетово“ и „Тораница“

Собранието на доверители на рудниците „Злетово“ и „Тораница“, кои се во стечај, денеска во штипскиот Основен суд одлучи да ја прифати понудата на бугарската компанија „Минстрој“ за купување движен и недвижен имот неопходен за производството на олово-цинковата руда.

Новиот концесионер на двата рудника „Минстрој“ на електронската продажба понуди да го купи понудениот имот за три и пол милиони евра, а проценетата вредност изнесуваше околу седум милиони евра.

Претставникот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство при Сојузот на синдикатите на Македонија, Драги Јовановски изјави со денешната одлука очекуваат околу 1.000 рудари да се вратат на своите работни места.

– Собранието на доверители одлучи онаа економска понуда која што е за рудниците да ја прифати, односно на гласањето беа 63 проценти од доверителите и по извршеното гласање 50 проценти гласаа за продажба, односно за прифаќање на понудената цена. Тоа за нас како синдикат значи дека брзо ќе се рестартираат рудниците, дека рударите веднаш ќе почнат со работа и оти најверојатно во најкраток можен рок тие ќе си земаат плата, рече Јовановски.

Рударите од Пробиштип и Крива Паланка очекуваат и од стечајната маса да им бидат исплатени и трите заостанати плати и бенефицираниот стаж.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com