HomeДЕНЕШНАРегионПристаништата во Пиреја и Солун под опасада на штрајкувачите

Пристаништата во Пиреја и Солун под опасада на штрајкувачите

Тринаесет илјади патници од седум бродови крузери, што утре се очекува да пристигнат на пристаништето Пиреја, ќе наидат на сериозни проблеми заради продолжените штрајкови на пристанишните работници, кои протестираат против приватизацијата на двете најголеми пристаништа во земјата во Пиреја и во Солун, информира весникот „Имерисија“.

Пречки се очекува да се појават и при товарењото и растоварувањето на багажот на патниците од крузерите, при нивното полнење со гориво и при префрлање на контејнерите од нив.

Синдикалните здруженија на пристанишните работници вчера одлучија да ги продолжат штрајковите. На нивните протести се противат претставниците на бродските компании, кои предупредуваат на сериозни последици од овие штрајкови за туризмот и грчката економија.

Официјална Атина приватизацијата на пристаништата им ја вети на меѓународните кредитори во замена за очајно потребните спасувачки заеми.

Стравувајќи од кастрења на работните места, пристанишните работници од пред две недели почнаа континуирани штрајкови и изјавија дека нема да се вратат на работа се додека нивните барања не бидат разгледани.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com