HomeДЕНЕШНАПолитикаПремиерот Димитриев побара крај на деструктивноста

Премиерот Димитриев побара крај на деструктивноста

Техничкиот премиер ја водеше централната прослава на Илинден на Мечкин камен во Крушево од каде и се обрати на нацијата испраќајки пораки за значењето на најголемиот македонски празник, како и за актуелната политичка состојба.

– Денес ги одбележуваме двата Илиндена и оддаваме почит како на Илинденската генерација, така и на Асномската генерација. Денес Македонија и Македонците секаде во светот одбележуваат 113 години од Илинденското востание и 72 години од АСНОМ, датуми чија тежина создава одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации, а за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста најсилна, работливоста беспоштедна а духот нескршлив, рече премиерот Емил Димитриев.

– Денешниот голем празник не потсетува на минатото но и не поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава. Значајноста и тежината на делата на илинденската и асномската генерација ја создаваат одговорноста на нашата генерација за иднината на државата. Тоа е одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации. Одговорност која сама по себе носи многу значајна тежина, затоа што кога станува збор за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста – најсилна, работливоста – беспоштедна а духот – нескршлив. Само така, и со силно единство наместо со надворешно мешање, можеме да продолжиме да чекориме по патот на развој и просперитет на нашата татковина и да го исполниме аманетот на нашите предци за борба за Македонија, рече Димитриев.

Се осврна и на решевањето на политичката криза и патот кој треба да се следи во наредниот период.

– Таквиот излез од наметната политичка криза е единствено возможен со одржување на избори на кои граѓаните на Република Македонија ќе донесат одлука која секој политичар и секоја политичка партија мора да ја почитува. Бидејќи тоа е вредноста на демократијата. Бидејќи така е секаде во светот и така мора да биде и тука. Волјата на народот е најсилна и секој политичар мора истата да ја почитува. Народот никогаш не греши и секогаш е во право. Негирањето на волјата на граѓаните, секој обид за сомнеж во одлуките на народот во обид за прикривање на сопствените слабости и порази претставуваат израз на непочитување на граѓаните и сериозен израз на недемократско однесување, посочи Димитриев.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com