HomeДЕНЕШНАПолитикаПетар Гошев: Институциите мора да се заинтересираат за легитимноста на преземањето на Макпетрол

Петар Гошев: Институциите мора да се заинтересираат за легитимноста на преземањето на Макпетрол

Ако се нормални и одговорни функционери на Република Македонија, не може да не ги интересира какви белосветски хохштаплери го запоседнуваат имотот и пазарот во државата“, вели за Телма поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, коментирајќи го односот на државните институции кон случајот со Макпетрол и понудата за преземање од анонимната офшор компанија „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“.

Гошев вели и дека кај дел од членовите на Комисијата за хартии од вредност има и конфликт на интереси.
„КХВ ја одолговлекува работата, но ако се погледне списокот на луѓето таму, ќе се види дека има некомпетентни, ќе се види дека има луѓе кои се целосно во служба на „првиот злосторник“, како и луѓе кои обавуваат по две до три неспоиви функции, кои што се еклатантен пример на конфликт на интереси. И тоа се толерира, затоа што тие луѓе едноставно мислат само да ги земат парите за учество во органите на управување во тие институции, а не да ја вршат својата работа одговорно и во согласност со законите“, вели Гошев.

Гошев е последниот во низата елсперти кои јавно го повикаа македонските институции да испитаат кој всушност стои зад сомнителната офшор компанија, основана пред неполни два месеца, и од каде доаѓаат парите со кои руско-израелските „инвеститори“ сакаат да го преземат Макпетрол. И покрај овие апели, ниту една државна институција досега не се одважи да ги истражи информациите за сомнителните бизнисмени кои сакаат да ја купат најголемата македонска нафтена компанија.

Во јавноста изминатиов месец и половина се појавија информации за минатото на луѓето поврзани со Балкан Петролеум, Од нив се гледа учеството на овие бизнисмени со сложени и таинствени офшор шеми, кои ги подгреваат сомневањата за вмешаност во корупција и перење пари. Сево ова ги засили стравувањата дека обидот за преземање на Макпетрол, всушност е обид за внесување на црн капитал во македонското стопанство.

Комисијата за хартии од вредност вчера ја врати понудата на „Балкан Петролеум“ на доработка. Тоа значи дека во наредниот период, понудувачот мора да ја обезбеди потребната документација, за која во Комисијата не сакаат да зборуваат и да откријат што му недостасува на Балкан петролеум. Дури потоа одново службите на КХВ ќе се изјаснат дали досието е комплетирано. Во случај документацијата да е комплетна, почнува да тече законскиот рок од десет дена во кој КХВ треба да одлучи дали ја прифаќа понудата.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com