HomeДЕНЕШНАПолитикаОштетените од „Фиком“ бараат случајот да го преземе специјалното обвинителство

Оштетените од „Фиком“ бараат случајот да го преземе специјалното обвинителство

Оштетените од аферата „Фиком“, од пред петнаесетина години, на кои им беа продавани исти станови по неколкупати, денска протестираа пред зградата „Антигона“ во скопска Кисела Вода, барајќи да бидат обештетени, односно да им бидат доделени станови или да си ги добијат назад парите кои ги дале за становите, но и за судските трошоци.

„Судот најбезобразно се става на страна да заштити само една од инволвираните страни, при што во целост ги оштетува граѓаните кои ги купиле становите. Сакаме да прашаме зошто стечајот на „Фиком“ трае нецели десет години, што е направено за тие десет години, зошто судските постапки траат толку долго и зошто судот како по наредба носи одлуки кои се спротивни на сите закони“, рече некогашната адвокатка на оштетените, Лорија Ванеска.

Побара да се формира независно судско тело, составено од најеминентните експерти во оваа област, кое ќе ги преиспита сите одлуки донесени во случајот.

„Со ова го повикуваме и специјалното јавно обвинителство доколку елементи од аферата „Фиком“ се најдат во прислушуваните разговори кои им се предадени им стоиме на располагање да им ја предадеме целокупната документација, со цел да се води постапка за сторителите на овие дела“, рече Ванеска.

Најави дека ќе се формира Здружение на оштетени од сите градежни афери кои ги имаше на државно ниво со цел да се обештетат луѓето и да се каже стоп за градежната мафија.

„Помина доста време, а луѓето останаа без пари. Не сме задоволни од досегашните случувања. Влеговме во судска постапка која незамисливо долго трае. Нашата зграда е ставена под хипотека, а се судиме со банката ‘Еуростандард’ за таа хипотека, за која ние тврдиме дека не е валидна и дека тука е направена некоја ујдурма“, вели Миле Ѓорѓески, кој уплатил стан во зградата „Антигона 1“.

Велат дека имаат доверба во институциите, во МВР, во судството, но исто така побараа и државата да интервенира во нивниот случај, со предлог, како што дава субвенции за проектот „Купи куќа, купи стан“ и ним да им ги врати субвенционирано нивните пари кои ги вложиле за стан кој никогаш не го добиле, поточно и нив да ги вклучи во проектот.

„Ние овие станови не сме ги добиле на подарок, туку сме платиле за нив“, вели Ѓорѓески.

Оштетена од зградата „Филип“ пак, обвинува за нова мафија, носејќи транспарент на кој пишуваше „Нова мафија“, и вели дека нивната зграда со судско вештачење е потврдено дека е градена со нивни пари.

„Некоја нова мафија, преостанатите 30 отсто, ги доградува. Која е таа мафија, под кои услови, со кого се здружува за да ја доградува зградата и оди уште понатаму ги препродава нашите станови“, рече Даниела Јовановска, оштетена од зградата „Филип“, за што никој не ги известил, а институциите иако известени за случајот, никој не ги удостоил со одговор.

Оштетените од зградата „Самарија“ велат дека не можат да сфатат како може толкави објекти да се направат, а општината од старт да не укаже дека се дивоградби.

Претседателот на оштетените рече дека не разбира како владата се заложува за повеќедетни семејства за кои тврди, дека основно е поседување живеалиште, а нив ги оставила без она за што платиле.

„Отворена е стечајна постапка, а тие знаеме како завршуваат. Се на штета на оштетените. Еден повик до владата. Ако не може да ги реши овие станбени афери, нека не вметнат во проективе „Купи куќа, купи стан“ и нашите пари да ги пренасочи таму, и нека не субвенционира“, рече тој.

Насобраните, потенцираа дека досега дале преку половина милион евра сите заедно за судски трошоци, кои, исто така, сметаат дека не требало да паднат на нив, па бараат поврат и на тие пари. Најавија дека повторно на протест ќе се соберат за две недели од сега, и ќе протестираат сé додека не се реши нивниот проблем.

Случајот „Самарија“ е еден од многубројните измами кои се случија во изминативе години, а кои се однесува на препродажба на станови. Тој беше обелоденет во 2003 година кога сопственичката на приватна градежна фирма, Лујза Миновска, заработи 30-дневен притвор под сомнеж дека 12 граѓани измамила за 351.000 евра. Обвинувањата упатени на адреса на Миновска беа дека таа зела пари за становите, кои требало да бидат изградени на улицата „Киро Крстевски“ во скопската општина Кисела Вода, но немала добиено одобрение за градба.

Сопственичката на фирмата, која сега е во рацете на судот, стечајниот совет и управник, склучила договор со сопствениците на земјиште на споменатата улица, а потоа започнала со изградба, и покрај тоа што не платила комуналии и немала одобрение за градба. Миновска, и покрај направените пропусти, продолжила со изградбата, а становите ги понудила на продажба. Неколку месеци подоцна Градежниот инспекторат ја запрел изградбата која стигнала до првата плоча, но тоа не ја спречило да продаде 10 стана и да инкасира 283.000 евра. Лујза Миновска беше осудена за измамите, во 2007 година, на затворска казна во траење од четири години.

Градежната афера „Фиком“ медиумите ја открија во 2006 година кога група граѓани тврдеа дека нивниот стан бил продаден уште на неколку лица. Претходно сопствениците на ФИКОМ, сопружниците Николиќ успеале да измамат многу луѓе ветувајќи им евтини, модерни станови речиси во центарот на Скопје. Во седум згради во централното градско подрачје тие продавале станови по цена од 450 до 500 евра за метар квадратен, без склучен договор. За измамата да биде уште поголема, еден стан го продавале на повеќе лица. Стотици семејства беа оштетени, становите ги платија, но не добија дом. Зградите сé уште стојат недоизградени.

Случајот „Фиком“ е една од најголемите измами со продажба на станови во Македонија.

Сопственикот на „Фиком“, со јаже врзано на плафонот за цевката од радијаторот, Никола Николиќ беше пронајден обесен во затворот во Штип на почетокот од март 2015 година. Управата за санкции соопшти дека 42-годишниот Николиќ за измами бил осуден на вкупна затворска казна во траење од 25 години и два месеца.

Макфакс

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com