HomeДЕНЕШНАЕкономијаОф-шор шема зад „непријателското“ превземање на Макпетрол

Оф-шор шема зад „непријателското“ превземање на Макпетрол

Обидот нафтениот гигант Макпетрол да добие нов сопственик преку методот на „непријателско“ превземање е речиси невиден во Европа бидејќи акционерските друштва функционираат на сосема различен принцип од на пример во САД.

Намерата на компанијата „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“ на овој начин да ја преземе сопственоста врз нафтениот гигант „Макпетрол“ најверојатно е прв ваков случај во Македонија. Токму затоа, ова ќе претставува вистински тест за македонската легислатива и за надлежните институции.

Според професорот на Правниот факултет во Скопје, Горан Коевски, законската регулатива во овој дел е усогласена со европската. За разлика од САД, каде „непријателските“ преземање се секојдневие, европскиот модел на корпоративно управување е прилично ригиден во овј сегмент, вели Коевски.

– Има едно искуство, сега не знам за кој точно случај се работеше, каде што во Германија при еден таков обид на американска компанија за преземање на германска компанија, дури и германските власти и политичари се изјасниле: „Не е ова дивиот американски запад за да можете да правите што сакате, на препад да преземате компании. Сепак, тука има друга правна и економска традиција и заради тоа се многу ретки таквите случаи.

Доколку биде објавена понуда за преземање на „Макпетрол“, секој акционер има право да одлучи дали ќе ја прифати или не, но во текот на постапката својата работа мора да ја завршат и институциите и раководството на компанијата, објаснува Коевски.

– И органот на управување на целното друштво, во конкретниов случај на Макпетрол, има право да даде свој став и мислење во поглед на тоа кој е преземачот, да ги извести вработените за тоа кои се неговите намери со вработените, со натамошните вработувања итн., но конечната одлука сепак ја носи акционерот до кој што е упатена понудата.

Телма ја истражуваше компанијата „Даволиа Холдингс Лимитед“, која се јавува како сопственик на „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“, фирмата која изрази намера за преземање на „Макпетрол“. Информациите до кои дојдовме отвораат сомнеж дека станува збор за офшор шема. Имено, „Даволиа Холдингс Лимитед“ е со седиште на адресата 28 октомври 333 во приморскиот кипарски град Лимасол. Сместена е на првиот кат во канцеларијата со број 12. На истата адреса и во истата канцеларија се регистрирани уште две фирми. Едната од нив е „Strategy Capital Fund“ во која како корпоративен администратор е вработено лице со име Софија Анастасиу.

Ова име соодветствува со името на секретарот во погоре споменатата „Даволиа Холдингс Лимитед“. Доколку се провери на Гугл Мапс, на адресата 28 октомври 333 во Лимасол всушност се наоѓа деловен објект, наречен World Trade Center Cyprus. На нивната интернет страница пишува дека меѓу другото се занимаваат и со издавање виртуелни канцеларии. Станува збор за услуга во која корисникот не добива физички простор туку само право да ја користи адресата за коресподенција, пракса која е често применувана и типична за офшор компаниите.

Извор: telma.com.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com