HomeДЕНЕШНАРепубликаОПМ: Потрошувачите не се целосно информирани за безбедноста на производите

ОПМ: Потрошувачите не се целосно информирани за безбедноста на производите

Потрошувачите не се во целост информирани за нивните права и најчесто добиваат информации за своите права кога ќе се соочат со конкретен проблем. Граѓаните најчесто се жалат на небезбедни играчки, хемикалии кои се штетни по здравјето што ги има во играчките, козметичките производи и текстилот.

Граѓаните кои ќе купат небезбеден и производ со одреден недостаток имаат право да го вратат и во рок од 30 дена да се изврши поправка, ако е во гарантен рок, или да се замени со друг соодветен производ. Доколку се работи за небезбеден производ треба да го вратат на местото на купувањето и да ги добијат парите назад. Но, за да се прогласи еден производ за небезбеден треба да е утврден како небезбеден од страна на Државниот пазарен инспекторат или Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Токму затоа Министерството за економија во соработка со Организацијата на потрошувачите на Република Македонија (ОПМ) континуирано од 2005 година наваму се обидува да најде начин потрошувачите соодветно да се информирани. Тоа е и целта на денешната работилница на која ОПМ преку практични примери ќе го објасни начинот на кој се справуваат Словенија и Европската унија со безбедноста на производите на пазарот и законските прописи со кои се регулира оваа област и можностите за електронско тргување и заштита на правата на граѓаните.

На настанот, организиран во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите на Владата на РМ за 2016 година, учествуваат претставници од Државниот пазарен инспекторат, Инспекторатот за животна средина, Инспекторатот за труд, Санитарниот и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за лекови, Царинската управа, стопанските комори, трговски друштва и здруженијата на граѓани.

Државниот секретар во Министерството за економија Анета Димовска рече дека на работилницата ќе се прецизира до каде е Македонија со усогласеноста со регулативите во делот на безбедноста на производите и електронското тргување и ќе се детектираат практичните проблеми со кои се соочуваат институциите во примената на постојната регулатива.

– Огромно значење во заштитата на правата на купувачите имаат органите на државната управа и инспекторатите кои се должни да обезбедат квалитетна информација за потрошувачите и нивните права поврзани со безбедноста на производите и да преземат соодветни мерки за повлекување на небезбедните производи од пазарот, изјави Димовска пред почетокот на работилницата.

Посочи дека во 2015 година Царинската управа до органите за надзор на пазар доставила 402 известувања за спречување пуштање стоки во слободен промет, од кои, како што рече, 354 се однесувале на детски играчки, а 27 на лична заштитна опрема.

– Свеста расте кај потрошувачите за нивните права, но за да се користат безбедни производи неопходна е свесност на сите инстанци, и на потрошувачот како поединен, но и на сите чинители во синџирот на крајната потрошувачка, вклучително и на претставниците од деловната заедница. Кај поголемите трговски компании ова свесност е на повисоко ниво за разлика од поситните трговци каде треба да се најде механизам да се делува на сегментот за безбедноста на производите, рече Димовска.

Таа прецизира дека генерално потрошувачите најмногу реагираат на неквалитетни комунални услуги и во делот на бела техника и мобилни телефони.

– Зголемени се и правата на потрошувачите за електронското тргување и продолжен е рокот на 14 дена во кој можат да го вратат производот, а утврдени се и начините како да им се вратат парите кога се купува од далечина. Воглавно во овој дел сме усогласени со она што е регулатива, но во практика има проблеми со кои се соочуваме, рече Димовска.

Маријана Лончар Велкова, претседателот на ОПМ, посочи дека лани до Организацијата на потрошувачи биле доставени над 2.600 поплаки, жалби и приговори кои биле дистрибуирани до ресорните надлежни институции. Најголем дел од нив биле за неквалитетен производ кој се расипува брзо и поправките не се навремени, како и за неостварување на правото да се добие нов производ после три поправки во гарантниот рок.

– Во доменот на безбедноста немаме толку голем број жалби поради тоа што дел од производите веројатно се детектираат и на царинскиот увоз, што значи Царината има огромна улога кога влегуваат производите на нашиот пазар. За тоа придонесуваат и сите други надлежни инспекциски органи, односно контролата која се врши внатре и системот за брзо дојавување RAPEX на Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за храна со системот за брзо дојавување на проблеми со безбедноста на храната, изјави Лончар Велкова.

Ние, додаде, како еден сегмент од ланецот за заштита на потрошувачи не ја имаме најзначајната улога во безбедноста, но граѓаните кои купуваат небезбедни производи немаат каде да ги вратат.

– Треба повеќе да работиме да го знаат тоа, брзо да се алармира дека има небезбедни производи и каде треба да се вратат и да се повратат средствата, рече Лончар Велкова.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com