HomeДЕНЕШНАПолитикаОд куќен притвор, Талески распишал конкурс за директор на ЈКП „Нискоградба“

Од куќен притвор, Талески распишал конкурс за директор на ЈКП „Нискоградба“

Битолскиот градоначалник Владимир Талески, од куќен притвор распишал конкурс за избор на директор на Јавното комунално претпријатие „Нискоградба“ од Битола. На интернет-огласникот „Најди работа“ на 3 септември е објавен оглас во кој стои дека градоначалникот на Општина Битола распишува јавен конкурс за избор на директор на ЈКП „Нискоградба“, Битола. Огласот трае до утре – 9 септември.

Директорската позиција во ова јавно претријатие одамна е тема на критики во политичката јавност во Битола – пишува Мета. Пред неколку месеци советничката во Советот на Општина Битола од ВМРО-Народна партија, Габриела Илиевска, обвини дека актуелниот директор, Кире Крстевски, повеќе од една година незаконски е поставен за директор од градоначалникот Талески. Илиевска тогаш тврдеше дека Крстевски двапати едноподруго добил незаконско решение за вршител на должност.

Илиевска, по распишувањето на новиот конкурс, прашува дали Талески од домашен притвор продолжува со беззаконието и дали ако наместо куќен, добиеше притвор во истражен затвор, таму ќе ги повикуваше кандидатите за интервју за директор на ЈКП „Нискоградба“.

– Сакам јавно да поставам само две прашања. Прво, дали Талески дома кај него ќе ги повикува кандидатите за избор на директор и ќе ги интервјуира или, пак, како и досега, на незаконски начин од дома ќе потпише ново в.д. решение за досегашниот директор да продолжи да директорува. Според мене, што и да направи Талески е спротивно на законот – вели Илиевска.

Советничката пред десетина дена поднесе барање до Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Основниот суд Скопје 1, Апелацискиот суд во Скопје и до Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да дадат толкување дали Талески од дома смее да раководи со Општината и да потпишува службени документи. До денеска таа нема добиено одговор од четирите институции.

Кривичнот суд во Скопје на крајот на јуни оваа година на битолскиот градоначалник му одреди куќен притвор како првоосомничен во случајот „Транспортер“ што го отвори Специјалното јавно обвинитество. СЈО ги товари Талески и уште 22 лица за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com