HomeДЕНЕШНАЕкономијаНови сомнежи во случајот „Преземање на Макпетрол“

Нови сомнежи во случајот „Преземање на Макпетрол“

Појавувањето во јавноста на Александар Каплан, кој себеси се претставува како „инвеститор“ во компанијата „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“, која се обидува да го преземе „Макпетрол“, уште повеќе ги засилува сомнежите дека зад целата операција стои валкан капитал, „испран“ низ офшор-шемите во Кипар и на Британските Девствени Острови.

Не е јасно каква е улогата на Каплан во британско-кипарската компанија формирана пред само месец и половина, во која тој не се појавува никаде во сопственичката структура. Според сознанијата, Каплан во земјава пристигнал заедно со уште еден бизнисмен, Димитриј Лугвиненко. Лугвиненко неодамна се појавил на акционерското собрание на „Макпетрол“, заедно со контроверзниот Ури Бидер.

Рускиот менаџер, како и останатите луѓе врзани за „Балкан Петролеум“, има богата историја во нафтениот бизнис, но и неговата кариера е поврзана со компании и бизнисмени чии зделки можат да се окарактеризираат како матни и сомнителни.

Во 2013 година, „Лукоил“ ја продава рафинеријата во украинскиот град Одеса на компанијата Ветек, чиј сопственик е контроверзниот Сергеј Курченко, кој зад своето име има низа скандали, сомнителни преземања и обвинувања. По ова, и покрај помпезните најави и ветувања, рафинеријата никогаш не проработела. Според новинарите кои ги истражувале бизнисите на Курченко, младиот бизнисмен, роден 1985 година, изградил империја благодарение на блискоста со низа украински политичари, но и со синот на поранешниот претседател Виктор Јанукович. Против Курченко во Украина се води постапка за затајување данок и за кражба на 180 милиони евра од банкарски инвеститори. Тој е на црната листа за влез во Европската Унија, а од 2014 година ја напуштил Украина и денес не се знае каде точно се наоѓа. Токму Александар Каплан, кој сега се појавува во Македонија како фронтмен на „Балкан Петролеум“, извесно време бил директор во компанијата на Курченко, „Ветек“.

„Балкан петролеум“ минатата недела ја достави својата понуда за преземање на акциите на „Макпетрол“ до Комисијата за хартии од вредност, но јавноста и натаму не ги знае одговорите на најважните прашања – кој навистина стои зад обидот да се купи најголемата нафтена компанија во земјава и од каде потекнуваат парите со кои сомнителните бизнисмени се обидуваат да го преземат „Макпетрол“. Како што објави Телма, компанијата, иако тврди спротивно, не ја обезбедила банкарската гаранција потребна за да се оствари зделката.

Биографиите на буквално сите луѓе кои се поврзуваат со „Балкан Петролеум“ – Василиј Евдокимов, Ури Бидер, Михаил Черни… се преполни со обвинувања за корупција, перење пари и други сомнителни активности. Токму затоа, во целата постапка за преземање на „Макпетрол“, која е во тек, клучна е улогата на македонскиот берзански регулатор – Комисијата за хартии од вредност, сметаат експертите. Од КХВ и натаму молчат околу целиот процес, со изговор дека немаат коментар во оваа фаза на постапката. Комисијата, според познавачите, мора да ги земе предвид проблематичните биографии на потенцијалните купувачи и темелно да ја истражи нивната компанија и потеклото на парите, пред да донесе одлука околу понудата.

Извор: plusinfo.mk 

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com