HomeДЕНЕШНАСкопјеНеколку градинки и училници забранети за кристење поради земјотресот

Неколку градинки и училници забранети за кристење поради земјотресот

Институтот за земјотресно инженерство и сезмологија Скопје (ИЗИИС) по препорака на Управувачкиот комитет за справување со кризи денеска ги посетуваше училиштата и градинките во Скопско за да ги увиди штетите и можните последици по серијата земјотреси од последните два дена. Како што пишува агенцијата Мета, тие посетиле повеќе објекти, а во некои училишта се забранети за користење дел од просториите.

За вечерашниот нов состанок на Управувачкиот комитет е планирано да се разговара за состојбата во училиптата и во градинките по серијата силни земјотреси, како и за паниката што се создава кај граѓаните. Васко Лазаревски, директор на скопското училиште „11 Октомври“, информира дека претставници на ИЗИИС биле во тоа училиште и забраниле да се користат две училници.

– Денеска беа од Институтот за земјотресно инженерство и ги разгледуваа училниците. Во две училници увидоа дека по земјотресот постои опасност за изведување на настава, па ни ги забранија за употреба. Нè известија дека записникот ќе го пратат до Општина Центар, која ќе треба да ги реновира тие училници. Сега имаме проблем во училиштето затоа што Државниот санитарен инспекторат по поплавите ни забрани уште други две училници – вели Лазаревски.

Тој информира дека ќе мора да направи реорганизација и учениците да одат во училиште во две смени затоа што нема доволно простории. Исто така, се дознава дека сите вонучилишни активности во Скопје се откажани. Меѓу нив се и разните спортски активности, играорни групи, настава по странски јазици…

По вчерашниот земјотрес со јачина од 5,3 степени, кој ги исплаши скопјани, отворен е посебен телефонски број 195, на кој сите граѓани можат да побараат проценка дали нивните објекти се безбедни за живеење. Според Европско-медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), вчера во Скопје и во околината се измерени вкупно девет потреси. Најсилниот бил во 15.10 часот, со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала. Првиот земјотрес бил измерен во 6.58 часот, со јачина од 4,2 степени, а следниот во 7 часот имал јачина од 2,8 степени според Рихтеровата скала.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com