HomeДЕНЕШНАПолитикаНајголемиот антивладин протест одбележува точно една година

Најголемиот антивладин протест одбележува точно една година

Денеска се одбележува точно една година од најголемиот антивладин протест, кој се одржа на 17 мај 2015 година пред владата.Протестот беше во организација на СДСМ и над 70 невладини организации и граѓански здруженија кои се обединија во неформалната коалиција „Граѓаните за Македонија“ со барања за неотповиклива оставка од Владата и итно формирање преодна влада, а се случи после објавувањето на „бомбите“ од проектот „Вистината за Македонија“, кој откри огромен криминал и злоупотреби од страна на власта.

По протестот се формираше „Кампот на слободата“, кој беше активен на просторот пред владата се до 16 јули, ден по потпишувањето на Договорот од Пржино, со кој беше договорена оставката на Никола Груевски од премиерската функција и формирање преодна влада, со министри од опозицијата, и предвремени избори кои требаше да се одржат на 24 април. Сепак, пред изборите требаше да се исполнат низа реформи во повеќе области, голем дел уште до крајот на август минатата година. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го кочеше исполнувањето на реформите изборите беа одложени за 5 јуни, а можно е и ново одложување откако оваа партија остана единствена со кандидатски листи за изборите.

Во Пржино беше договорено и формирањето на Специјалното јавно обвинителство, од чија работа започнаа да се гледаат првите резултати, со истраги за сегашни и поранешни функционери на власта. Неговата работа наиде на повеќе пречки, меѓу кои најголемата е аболицијата од претседателот Иванов за повеќе политичари, која предизвика нови протести и Шарена револуција која се случува на улиците низ цела Македонија од 12 април 2016.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com