HomeАЈНШТАЈНИЈААрхеологија и ИсторијаНаучниците со нови сознанија за локалитетот „Врбјанска чука“ во Кривогаштани

Научниците со нови сознанија за локалитетот „Врбјанска чука“ во Кривогаштани

Локалитетот „Врбјанска чука“ во Oпштина Кривогаштани е еден од ретките локалитети во Европа кои потекнуваат од неолитот, стар околу 8.000 години. Воедно е и еден од ретките локалотети каде на многу мал простор може да се сретнат многу стопански објекти. Ова го потврдија едномесечните археолошки истражувања кои завршија вчера.

Луѓето кои живееле тука се занимавале со земјоделство.
„Откривме внатре во една од градбите неколку стопански целини кои се одделение со парапети и всушност тие стопански целини потврдуваат дека земјоделството било приоритетен извор на егзистенција на овој простор. Тука откривме и дел градби како печки, мелници за житото, алатки поврзани со нив. Што значи дека овој дел од населбата бил некаков простор каде во голема количина се обработувало житото“, кажа Гоце Наумов, археолог, Музеј на Македонија.

Се претпоставува дека точно на ова место, пред околу 8.000 години биле населени првите луѓе во Европа кои што започнале да се занимаваат со земјоделство. Исто така се претпоставува дека ова се едни од првите фиксни населби на луѓето.

Овие докази на археолозите им откриле како всушност започнува неолитот на овој дел на Балканот и како тој се развива во своите етапи.

„Мапиравме веќе четири наоѓалишта кои беа познати, со тоа што со новите наоди нивната хронолошка рамка може да се помести подолу или погоре. А беа пронајдени и други 5 наоѓалишта кои не беа досега откриени и каде е забележано големо присуство на артефакти и археолошки материјал кој во иднина може да помогне за добивање повеќе информации за предисторијата“, рече археологот Александар Мургоски.

Локалитетот поради својата уникатност предизвикал и внимание кај чешките археолози кои дојдоа да истражуваат заедно со своите македонски колеги.

„Сметам дека овој локалитет е фантастичен бидејќи откривме неверојатни работи, ова што го држам во рацете е остаток од ѕид, лепеш, каде се сочувани голем број макро ботанички остатоци кои потврдуваат одреден вид на исхрана и вегетација која ја користат луѓето во тоа време“, вели Јармир Бенеш, археолог од Чешка.

Од општината велат дека тука предвидено било да се истражува и во наредните три години, а ќе се започнело и со уредување на патната инфраструктура како можност за туристичка промоција на целиот регион.

„Во наредниот период ќе инсистираме во продолжување на истражувањата за тој археолошки локалитет, преку наш ангажман како општина и кофинансирање, но и преку министерството за култура. После ова денешно завршување на истражувањата ние ќе доставиме официјално барање за да овој локалитет влезе во програмата за капитални објекти на Владата“,изјави градоначалникот на Општина Кривогаштани, Тони Заткоски .

Со археолошките кампањи на почетокот на 80-тите години на минатиот век точно на ова место е откриен и еден од најстарите артефакти на Балканот, стар 8.000 години, а тоа е жртвеник кој што претставува една голема конструкција која сега се чува во Музејот во Прилеп.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com