HomeДЕНЕШНАРегионНапад на болница во Словенија, двајца мртви и двајца тешко ранети

Напад на болница во Словенија, двајца мртви и двајца тешко ранети

Напаѓач пукал попладнево од огнено оружје во болница во словенечкиот град Изола врз лекар и двајца полицајци, објавија словенечките медиуми, а во извештаите се наведува дека напаѓачот по инцидентот е убиен од полицијата. Електронското издание на љубљанскиот дневен весник Delo пренесува дека еден полицаец починал од здобиените повреди, додека лекар и уште еден полицаец се во критична состојба. Полицајците напаѓачот смртно го застрелале пред болницата кога се обидел да побегне со автомобил, пренесува Delo.

Во тек е истрата, а полицијата засега не објавува други поединости за инцидентот кој се случил по 15 часот во Општата болница во Изола. Очевидци за локалните медиуми велат дека напаѓачот прво пукал во чекалницата на очното одделение на болницата, а наводно прво бил застрелан лекарот уролог, за кој се наведува дека е мексикански државјанин Луис Ѓилермо Мартинез Бустаманте и бил омилен во заедницата. Тој случајно во тој момент се нашол во близина на напаѓачот, кој според сведоци претходно се распрашувал за него.

Во чекалницата настанала паника, а напаѓачот се обидел да побегне, но од погорните катови се симнал полицаец кој ги слушнал истрелите, а во болницата бил по друга службена работа. Напаѓачот полицаецот прво го застрелал во грбот, а потоа кога овој се обидел да се одбрани со службеното оружје, повторно пукал во него. Полицаецот подоцна им подлегнал на повредите.

Напаѓачот потоа мирно излегол од болницата и се упатил кон својот автомобил. Од возилото повторно започнал да пука и притоа ранил еден полицаец, но бил убиен кога другите полицајци испукале неколку куршуми во автомобилот. Според неофицијални информации, напаѓачот е 70-годишен маж од близина на Копер. Наводно од претходно им бил познат на полицајците поради грабеж на тамошната филијала на Пошта на Словенија.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com