HomeДЕНЕШНАРегионНад 800 мигранти побегнале од бегалскиот камп на островот Хиос

Над 800 мигранти побегнале од бегалскиот камп на островот Хиос

Повеќе од 800 мигранти вчера побегнале од центарот за бегалци на грчкиот остров Хиос, пренесе ТАСС. Околу 500 лица побегнале во текот на денот и најмалку уште 300 ноќеска. Повеќето од нив се Сиријци. Тие планирале да се качат на ферибот за Пиреја.

Атинскиот весник „Катимерини“ јави дека мигрантите направиле дупка на оградата од центарот, преку која успеале да побегнат. Порталот Њуз.ин информира дека побегнатите мигранти се упатиле кон најголемото населено место на Хиос, при што биле следени од грчката полиција.

Согласно договорот меѓу ЕУ и Турција за решавање на мигрантската криза, бегалските кампови на грчките острови Лезбос, Лерос, Самос и Хиос се прогласени за објекти од „затворен тип“.

Во кампот во Хиос, каде според официјалните податоци има 1.650 лица, завчеравечер дошло до физичка пресметка меѓу мигрантите, при што се повредени три лица, кои се префрлени во болница. Судирот меѓу мигрантите бил толку жесток што полицијата морала да употреби звучни и димни бомби за раздвојување на судрените страни.

Грчките медиуми јавуваат и за тензии во бегалскиот камп во Јанина, каде вчера биле донеснени 210 нови мигранти, кои одбиле да се сместат во поставените шатори. Истите извори наведуваат дека мигрантите ноќта ја минале во автобусите со кои биле доведени во кампот.

Грчките власти денеска соопштија дека решиле да го зголемат полициското присуство на островите во Егејското Mоре и во Идомени, поради судирите кои се почесто се случуваат меѓу мигрантите, а постојат и стравувања дека тензиите ќе се зголемат откако од следната недела ќе почне нивно враќање во Турција.

Официјален претставник на Министерството за заштита на граѓаните за „Катимерини“ изјави дека властите во наредните неколку дена ќе подготват нов оперативен план, со кој ќе се овозможи на островите да се распоредат уште повеќе полицајци.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com