HomeДЕНЕШНАРепубликаМакедонци од САД измамени со евтини авиобилети

Македонци од САД измамени со евтини авиобилети

Македонци кои живеат во Соединетите Американски Држави биле измамени со ветување дека купиле евтини авиобилети до скопскиот аеродром. Целата ујдурма настанала за време на новогодишните прослави за Македонците во дијаспората. Имено, како што вели за „Мета“ Љупчо Станчевски, кој 25 години живее во Колумбус, Охајо, во САД, на новогодишната прослава во градот каде што е иселен, пејачката, која ги забавувала, по потекло од Прилеп, Македонија, им понудила евтини авиобилети до Македонија преку австриската авионска компанија „Aустриан ерлајнс“.

– По настапот во ресторанот ни пријде пејачката Елена Јовчевска, ни рече дека работи во туристичката агенција „Сториа травел“ и ни понуди повратни авиобилети за Македонија по цена од 550 евра. Јас 20 години патувам постојано до родната земја и досега толку евтин билет немам купено. Затоа ѝ поверував и ѝ дадов пари во готово за четири билети до Македонија. Таа ни рече дека ќе летаме со „Аустриан ерлајнс“ – ни изјави Станчевски.

Голготата почнува некој месец подоцна, кога луѓето си ги побарале авионските билети. Постојано ја барале Јовчевска, а таа им велела дека сè ќе биде во ред и дека три дена пред да полетаат ќе ги имаат билетите в рака.

– Поминаа месеци, дојдоа и тие три дена, но билети не добивме. Постојано ја баравме Елена, но таа беше упорна и ни тврдеше дека сè е во ред. На крајот, последниот ден пред да полетаме, на 15 јули, нè извести дека и неа ја измамиле и дека нема да ги добиеме билетите. Сепак, нè уверуваше дека ќе ни ги врати парите. Ние моравме на 15 јули да тргнеме од САД за да имаме време да се вратиме назад додека ни трае одморот. Немајќи каде, купивме двојно поскапи билети преку „Туркиш ерлајнс“ за да дојдеме во Македонија – вели Стојчевски.

Со семејството пристигнал во родното Кривогаштани. Оттогаш постојано е на телефон со Јовчевска за да си ги поврати парите, но сè уште без успех. Тој нè информираше дека не е единствена жртва, туку измамени се многу Македонци од Америка и од Австралија.

– И јас сум измамена од газдарицата на агенцијата – тврди пејачката Елена Јовчевска.

Таа ни изјави дека против сопственичката на агенцијата повела судски процес.

– Мене ме измами најмногу. Јас работев кај неа затоа што ме замоли, поради тоа што ми е прва братучетка. Кога одев на настапи, им нудев билети за авионски превоз на Македонците, а парите ѝ ги давав нејзе. Што правела потоа со нив, не знам. Знам само дека сум измамена, а нарушен ми е и угледот – ни изјави Јовчевска.

Сопственичката на „Сториа травел“, Јасмина Јорданоска-Чебренска, не можевме да ја добиеме на нејзиниот телефон.

Адвокатите што ги консултираше „Мета“ велат дека Македонците можеби и немаат судски случај во оваа приказна. Според нив, тие парите ги дале во готово, без потврда, па нема доказ за извршената наплата.

Од МВР засега немаат пријава за сторена измама и инсистираат измамените Македонци да го пријават случајот во полициска станица, за да може тој да се процесуира.

Инаку, Чебренска е познато име во полициската евиденција. Таа во 2012 година како управител на прилепската туристичка агенција „Вијаџо“, доби 30 дена притвор за кривично дело измама. Пријавата до полицијата и до обвинителството беше поднесена од триесетина измамени граѓани кои платиле туристички аранжмани за Грција, Шпанија и за Египет, но ниту ја добиле услугата, ниту парите им се вратени. Полицајци, судии, обвинители, адвокати, пратеници и бизнисмени од Прилеп беа измамени од оваа туристичка агенција.

Кога тие стигнале до посакуваната дестинација, нивните имиња ги немало на листата за резервација во хотелите. Наместо на плажа, дел од измамените прилепчани два дена се влечкале со торбите од еден во друг хотел во надеж дека ќе се најде некакво решение. Првичните процени беа дека измамата надминува 120.000 евра.

Извор: МЕТА

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com