HomeРЕФЛЕКТОРМузикаМакедонски бендови ќе настапат на „Демофест“

Македонски бендови ќе настапат на „Демофест“

Два македонски бенда ќе ги бранат боите на Македонија на најголемиот фестивал на демо – бендови во Југоисточна Европа. „Колт“ од Скопје и „Ки“ од Куманово ќе настапат на деветтото издание на „Демофест“. Фестивалот ќе се одржи од 21 до 23 јули на тврдината Кастел во Бања Лука, а програмата е составена од познати странски и ревијални изведувачи, но сепак главните херои за кои се одржува фестивалот се 35 демо-бендови од регионов.

На првиот ден на фестивалот, во четврток 21 јули, ревијално ќе настапат Британците „Даб пистолс“, „Хладно пиво“ од Хрватска и бендот „С.К.А.“ од Србија, минатата година награден со трето место на овој фестивал.

Во петок, ревијално настапуваат „Систерс оф мерси“ од Велика Британија, потоа Босанците „Коља и гробовласници“ и вицешампионот од „Демофест 2015“, бендот „Резерве“ од Хрватска. На завршната вечер настапува шведскиот бенд „Мандо Дијао“, „Бомбај штампа“ (БиХ), чиј фронтмен е добропознатиот „надреалист“ Бранко Ѓуриќ-Ѓуро и српскиот бенд „ЗАА“, награден со трето место на вториот „Демофест“, а во ревијалната програма својот албум првенец ќе го претстави минатогодишниот победник, групата „Норд“.

Победникот на „Демофест“ ќе биде награден со снимање и продукција на албум во висина од 5.000 евра, додека второпласираните и третопласираните добиваат сценска опрема во вредност од 2.000, односно 1.000 евра.

Ќе бидат прикажани и музички документарни филмови: „Влада“ за Влада Дивљан, и „Јадранка“ за славната кантавторка Јадранка Стојаковиќ, како и филмот „Слобода или ништо“ за бендот „Партибрејкерс“. На „Демофест“ ќе биде промовиран и албумот на Норд, а ќе се одржи и мултимедијална работилница на тема: „Каде да се свири во регионов?“.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com