HomeДЕНЕШНАПолитикаЛевица бара да се обелоденат Македонците со сметки во Панама

Левица бара да се обелоденат Македонците со сметки во Панама

Со откривањето на аферата наречена „Панама-документи“ протекоа податоци за користење на „оф-шор“ сметки за изнесување на огромни суми пари од страна на разни светски моќници. Минатата година, во аферата наречена „Swiss Leaks“, од страна на истата организација која ги објави податоците вчера, беше објавено дека девет лица поврзани со Македонија поседувале слични вакви сметки во една швајцарска банка, на кои имало 164 милиони САД долари, велат од новоформираната партија Левица.

„Иако Јавното обвинителство наводно отвори постапка во врска со овие случувања, јавноста сè уште не знае како противправно биле отворени овие сметки, како ни кое е потеклото на тие милионски суми на средства. Воопшто не сме изненадени што Јавното обвинителство нема намера да го расчисти случајот „швајцарски сметки“, слично како што нема намера да го расчистат и случајот со прислушувањето во Македонија. Немаме ни илузии дека ќе сакаат да истражат дали има македонски граѓан(к)и кои се инволвирани во најновата афера со “оф-шор“ сметките во Панама. Затоа, сакаме јавно да ги поддржиме и охрабриме новинар(к)ите, активно да се вклучат во обелоденувањето на сокриените пари“, се наведува во соопштението.

Левица го повика СЈО да отвори постапка за овие сомнителни случаи поврзани со перење пари од страна на корумпирани македонски политичари.

„Јавноста треба да знае дали има граѓан(к)и од Македонија кои поседуваат противзаконски сметки во „оф-шор“ дестинациите, на кој начин тоа го направиле, и на кој начин стигнале до тие средства кои треба да ги сокријат. Само со обелоденување и санкционирање на ваквите криминали можеме да изградиме праведно општество“, порачуваат од Левица.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com