HomeДЕНЕШНАПолитикаКривичните пријави за шарањето на порта Македонија се незаконски, шарените да бараат отштета

Кривичните пријави за шарањето на порта Македонија се незаконски, шарените да бараат отштета

Регистрацијата за недвижно културно наследство на Музеј на ВМРО и на Порта Македонија нема правна сила оти е спротивна на одредбите од Законот за заштита на културно наследство и Законот за музеите, па според тоа, ништовни се и поднесените кривични пријави против триесетина учесници во Шарената револуција кои со боја ги ишараа некои од објектите кои поседуваат статус на културно наследство, соопшти денеска 3 Г- Центарот за културно наследство, невладина огранизација чиј претседател е д-р Донка Барџиева Трајковска.

„Последиците од ваквиот начин на работа кој треба да биде санкциониран од надлежните институции, најмногу ги чувствуваат граѓаните, особено оние против кои се покренати неосновани прекршочни пријави за уништување/оштетување на културно наследство. Треба да се постапи токму обратно! Кривична пријава треба да биде покрената против директорот на Управата за заштита на културно наследство Виктор Лилчиќ (чиј потпис стои на актот за регистрација) кој овозможил одреден објект нелегално да добие статус на културно наследство и последователно да предизвика редица негативни последици! Оштетените граѓани за кои се води постапка, исто така треба да поднесат кривична пријава против директорот Виктор Лилчиќ и министерката за култура, за нанесена душевна болка и нарушување на нивниот углед“, вели во соопштението објавено на нејзиниот профил на Фејсбук, д-р Барџиева Трајковска.

Музејот на ВМРО и Музеј на жртвите од комунизмот со Порта Македонија, како и Спомен куќата на Мајка Тереза се единствените нови објекти во центарот на Скопје што се заштитени како културно наследство. Заштитени се со решенија од 5 и 6 август, 2013 година, со образложение дека во нив е сместено движно културно наследство, односно се музеј или дел од музеј.

Д-р Барџиева Трајковска вели дека Центарот за културно наследство, детално ја проверил целата управна постапка, законската регулатива и актуелната ситуација во надлежните институции и заклучил дека во времето кога Националната установа Конзерваторски центар Скопје поднел пријава за регистрација на културно наследство во Управата за заштита, не биле исполнети законските услови за регистрација, затоа што таму немало и сѐ уште нема движно културно наследство.

„Бидејќи во НУ Национален музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунизмот како прв објект не постојат музејски предмети со статус на движно културно наследство кое го чува и изложува, неговиот статус не може да биде пренесен на вториот објект Порта Македонија“, вели д-р Барџиева Трајковска.

Демонстрациите на Шарената револуција во Скопје добија кривични пријави од полицијата поради „основан сомнеж дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело“ за протестот на 18 април против аболицијата на претседателот Иванов на 56 политичари и нивни соработници осомничени или под истрага за криминал, кога беше боена фасадата на Министерството за култура, за кое МВР вели дека е објект од значајно културно наследство. Полицијата откри дека ги лоцирала напаѓачите со балони со боја од снимен видеоматеријал. Втората група пријави е за боењето на Порта Македонија на 30 мај. МВР пресметало штета од околу 3.000 евра во денарска противвредност. Пријава имаше и за возачот на комбето сопственост на СДСМ со кое се пренесувал чаталот што шарените револуционери го користеа за боење на објектите на Скопје 2014.

Претходно, д-р Донка Барџиева Трајковска соопшти дека приведувањето и покренувањето кривични пријави за учесниците на Шарената револуција за нанесување штета на објекти кои се прогласени за културно наследство е спротивно на Законот за заштита на културно наследство, затоа што тие објекти не се соодветно обележани, како што тоа го пропишува законот. Таа тогаш ги повика надлежните да ја казнат министрерката за култура Елизабета Канческа – Милевска за кршење на законот.

Извор: СакамДаКажам

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com