HomeДЕНЕШНАСветКрвав напад во Дака, убиени 20 заложници во ресторан

Крвав напад во Дака, убиени 20 заложници во ресторан

Вкупно 26 луѓе, меѓу кои и шест вооружени напаѓачи, се убиени во нападот во ресторанот во главниот град на Бангладеш, изјави утрово на прес-конференција во Дака, армискиот бригаден генерал Наим Асраф Чоудури, откако властите објавија само за ликвидирањето учесниците на нападот за кој одговорноста ја презема џихадистичката организација Исламска држава.

Претходно синоќа новинската агенција Amaq, која важи за гласило на џихадистите, објави фотографии од местото на нападот на кои се гледаа тела на пет-шест мажи и жени, тврдејќи дека се убиени 24 луѓе, претежно странски државјани.

Полицијата ги негираше овие информации, потврдувајќи дека се загинати двајца полицајци врз кои била фрлена бомба во текот на престрелката со напаѓачите кои со заложниците се забарикадирале во ресторанот „Holey Artisan“ во дипломатскиот кварт Гулшан во бангладешката престолнина Дака.

„На местото на инцидентот, исто така, пронајдовме дваесет тела. Во моментов ангажирани сме на нивната идентификација“, рекол генералот Чоудри, пренесува Associated Press.

Ја потврдил информацијата која претходно ја објави полицијата, дека во текот на операцијата биле извлечени 13 луѓе, од кои тројца државјани на Јапонија и на Шро Ланка.

Италијанката агенција Ansa, која претходно објави дека меѓу заложниците во ресторанот има најмалку седум државјани на Италија, денеска повикувајќи се на дипломатски извори објави дека неутврден број Италијанци има и меѓу жртвите.
daka 1
„Сите дваесет убиени заложници се странци, повеќето од нив се Италијанци или Јапонци“, рекол за AFP портпаролот на бангладешката армија, Шахаб Удин. Друг воен претставник, кој зборувал под услов да остане анонимен, за агенцијата изјавил дека сите заложници биле егзекутирани со студено оружје.

Според последните информации ослободени се 18 заложници, државјани на Јапонија и на Индија. Тие се пренесени во локалните болници, а некои од нив се ранети.

Премиерката на Бангладеш, Шеика Хасан, изјави дека е решителна во искоренувањето на тероризмот, пренесува Reuters.
„Каков вид муслимани се тие лица? Тие немаат никаква вера. Луѓето мора да им дадат отпор на терористите. Мојата влада е решителна да го искорени тероризмот“, порача Хасина.

Во Бангладеш кон средината на мај беше погубен челникот на водечката исламистичка партија 73-годишниот Мотиур Рахман Низами, осуден на смрт поради геноцид и други злосторства извршени во текот на војната од 1971 година за независност од Пакистан.

Погубувњето на Низами, поранешен пратеник и министер, водач на партијата Џамаат-е-Ислами, беше по изрекувањето на смртната казна од Специјалниот суд за геноцид, силувања и организирани ликвидации на интелектуалците во текот на војната од пред повеќе од четири децении. Ова погубување, како и во некои претходни случаи, предизвикуваа стравувања од нов бран крвави насилства во земјата со сунитско муслиманско мнозинство, каде радикалните исламисти вршат атентати врз блогери, интелектуалци, претставници на етнички и конфесионални малцинства, како и врз борците за правата на ЛГБТ лицата.

Од 2013 година погубени се тројца челници на Џамаат-е-Ислами, и една висока функционерка на главната опозициска партија, Националистичката партија на Банлгадеш. Тие егзекуции таа година поттикнаа судири со полицијата во кои загинаа околу 500 луѓе.

Војната од 1971 година заврши со создавање на државата Бангладеш, а станува збор за покраина која од 1947 година беше во состав на Пакистан, и се нарекуваше Источен Бенгал а подоцна и Источен Пакистан. Бангладеш станал дел од Пакистан кога е укината британската колонијална управа во 1947 година. Тогаш се нарекувал Источен Пакистан, меѓутоа со помош на Индија во деветмесечната војна против Западен Пакистан, се избори за независност.

Премиерката Шеика Хасина Вазед го воспостави судот во 2010 година, откако првиот обид за судење на осомничените за убиства беше прекинат во 1975 година кога беше убиен Шеик Маџибух Рахман, втемелувач на државата Бангладеш и татко на сегашната премиерка.

Специјалниот суд досега подигна обвинение против 18 лица, главно од партијата Џамаат-е-Ислами, по разни точки а смртни казни се изречени за 11 од нив. Партијата Џамаат-е-Ислими се противеше на независноста во текот на конфликтот, а споменатите процеси ги отфрла како политички мотивирани.

Во текот на интервенцијата на Индија кон крајот на судирите во 1971 година, којашто го најави брзиот пораз на пропакистанските сили, милициите кои беа наклонети кон Исламабад масакрираа десетици познати професори, режисери, уметници, лекари и новинари. Владата во 2010 година го формираше судот ICT и истакна дека тие процеси се неопходни за да се затворат сé уште отворените рани од војната за независност. Меѓутоа, исламистичката партија Џамаат-е-Ислам ја обвинува владата дека го основала овој од политички мотиви, бидејќи најмногу им се суди на претставници на опозицијата. Организацијата Human Rights Watch ги критикуваше процедурите со кои не се почитуваат меѓународните норми.

На почетокот од август 2013 година судовите ја забранија исламистичката партија Џамаат-е-Ислам, одлука која беше донесена пред одржување на изборите закажани за јануари 2014 година. Џамаат, инаку, ретко добива повеќе од 5 отсто гласови на изборите по 1970 година, но учествуваше во неколку коалициски влади.

Последните неколкуте години политичката и безбедносната ситуација во Бангладеш е влошена во врска судењата на лидерите на најголемата исламска партија во земјата Џамаат-е-Ислами кои се обвинети за воени злосторства за време на војната за независност на Бангладеш од Пакистан во 1971 година. Според податоците на владата, во војната од 1971 година загинале 3 милиони луѓе, додека независните организации проценуваат дека станува збор за меѓу 300 и 500 илјади жртви. Околу 90 отсто од 153-те милиони жители на Бангладеш се муслимани. Будистите претставуваат помалку од еден отсто од населението и живеат повеќето во југоисточните окрузи, во близина на границата со мнозинскиот будистички Мианмар.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com