HomeДЕНЕШНАЕкономијаКој стои зад обидот насилно да се преземе Макпетрол

Кој стои зад обидот насилно да се преземе Макпетрол

Кои се луѓето што се обидуваат да ја преземат најголемата нафтена компанија во Македонија? Ќе дозволат ли властите повторно да влезе сомнителен капитал во домашното стопанство? Се создаваат ли услови за најголемиот досега бизнис скандал во земјата?

Ова се прашањата што ја преокупираат јавноста додека истекува последната недела во која Комисијата за хартии од вредност треба да одлучи дали ќе ја дозволи понудата на анонимната компанија Балкан Петролеум за преземање на Макпетрол.

Офшор шеми, скандали и пропаднати компании.

Ако се истражат имињата на бизнисмените вклучени во обидот за влез во Макпетрол, се открива замрсена мрежа на офшор шеми и историја на матни зделки и пропаднати компании. Ури Бидер, Василиј Евдокимов, Михаил Черни…. сите бизнисмени што се поврзуваат со Балкан Петролеум имаат добро документирано присуство во сивата зона на европскиот бизнис. Од биографиите на романско-израелско-руската тројка бизнисмени се наѕира спрега на офшор-манипулации, шпекулативни зделки и корупција.
Еден од нивните највпечатливи и најголеми скандали е преземањето на романската рафинерија Рафо, чија историја претставува своевиден водич низ дубиозните источноевропски транзициски бизнис-текови.

Во 2001 година, рафинеријата била приватизирана – ја презеле неколку португалски фирми зад кои стоел еден ист човек, кој веднаш ја препродал на друг. И двајцата бизнисмени денес се во затвор за учеството во оваа зделка. По ова, во 2003 година, компанијата ја презема Ури Бидер, со нова шема на фирми зад кои стојат контроверзни бизнисмени. Веднаш по преземањето, фирмите на Бидер го прекинале производството, ја поделиле компанијата и отпуштиле стотици вработени. Многу интересно е името на компанијата со која Бидер ја презел рафинеријата Рафо пред 13 години – Балкан Петролеум, речиси идентично на Балкан Петролеум холдинг лимитед, тазе регистрираната фирма од Лондон, со која Бидер сега се обидува да влезе во Макпетрол.

Ништо помалку контроверзна не е ниту биографијата на Михаил Черни – уште еден бизнисмен, долгогодишен партнер и соработник на Бидер. Името на рускиот олигарх се поврзува со најмалку десет корупциски скандали, буквално секаде каде што неговите компании работеле. Некогашниот алуминиумски могул, роден во Узбекистан, во транзициските години со своите бизниси влегол во Бугарија, од каде во 2000 година е протеран на десет години, поради поврзаност со криминални шеми за перење пари. Контроверзите постојано го следат Черни низ неговата кариера – од обвинувањата за корупција и поткуп во бизнисите со мобилна телефонија во Израел и алуминиум во Русија, до информации за негова поврзаност со руската мафија.

Од друга страна, во обидот за преземање на Макпетрол, како директор на компанијата Балкан Петролеум холдинг лимитед се јавува Василиј Евдокимов. Тој досега бил директор на 22 фирми, од кои 15 пропаднале, а неговото име се наоѓа и во „Документите од Панама“. Евдокимов, во оваа типична офшор-шема се појавува како параван за вистинските сопственици на фирмите, кои го кријат идентитетот во овие зделки.

Сомнителните инвеститори носат само пропаст за домашното стопанство

Во изминатите десетина години, и Македонија имаше искуство со сомнителните бизнисмени од профили повеќе или помалку слични на оној на Бидер, Черни и Евдокимов. Резултатите од активностите на ваквите „инвеститори“ се покажуваа како погубни за домашната економија. Наспроти ветувањата за милионски инвестиции, тие ни донесоа скандали, протести, сомнителни зделки и пропаднати планови.

Можеби најдобар пример за ваквото „роварење“ на матните странски бизнисмени е случајот „Сведмилк“. Компанијата со голема помпа пристигна во Македонија, со амин и поддршка од Владата, а директорите Моше Баум и Роџер Оскарсон ветуваа преродба на стопанството. Но, наместо ова, тие ја предизвикаа најголемата криза во домашниот бизнис со млеко во модерната историја. Илјадници фармери, кои привлечени од високата откупна цена на млекото, земаа кредити за да влезат во примамливиот бизнис, останаа без заработените пари. Баум и Оскарсон неказнети „испарија“ од земјава, без да го платат долгот, кој според некои проценки изнесува над четири милиони евра. Македонското сточарство и осум години по авантурата „Сведмилк“ не може да закрепне од последиците на овој скандал.

Комисијата за хартии од вредност мора да ја заштити домашната економија

Улогата на Комисијата за хартии од вредност во процесот на разгледување на намерата на Балкан Петролеум за преземање на Макпетрол, според познавачите, е клучна. КХВ ја надгледува и спроведува законски уредената постапка, во која потенцијалниот купувач треба да исполни многу услови. Системски, Комисијата е поставена да претставува заштитник на македонската економија од шпекулациите, црниот капитал и сомнителните инвеститори. Од Макпетрол велат оти документацијата на британско-кипарската компанија е некомплетна, како и дека акционери биле контактирани, па дури и вознемирувани за да ги продадат акциите и пред понудата на Балкан петролеум, што е забрането со закон. Наспроти ова, на една недела со истекот на рокот (9 јули) во кој треба да одлучи за намерата на Балкан Петролеум, Комисијата за хартии од вредност сè уште не се изјаснува за ниту еден аспект на постапката.

Извор: plusinfo.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com