HomeСТУДЕНТУМКонкурсот „Патуваме во Европа“ уште една недела отворен за студентите

Конкурсот „Патуваме во Европа“ уште една недела отворен за студентите

Остана уште само една недела за пријавување на студентите за конкурсот „Патуваме во Европа 2016“. Деветта година по ред преку проектот „Патуваме во Европа“ 12 студенти од Македонија ќе добијат уникатна можност да ја истражуваат Европа и да ја промовираат својата земја. Конкурсот е отворен за студенти кои се во завршна година на студирање и кои имаат желба за патување, нови авантури и нови познанства.

„Студентите кои сакаат да бидат дел од тимот кој 22 дена ќе патува низ Европа можат да ги поднесат своите апликации до 29 јуни. Право да аплицираат имаат студенти во завршна година на студирање или апсолвенти, кои имаат просечна оценка поголема од 8,0 во текот на студирањето. При селекцијата предност имаат оние студенти кои до сега немале можност да ја прошетаат Европа. Аплицирањето е електронски, а формуларите и сите информации за проектот се достапни на интернет страната на проектот www.patvoevropa.org.mk“, велат од реализаторот на проектот, МОСТ.

Граѓанската асоцијација МОСТ, со помош на донаторите и спонзорите, обезбеди Inter Rail карта за неограничено патување со воз во времетраење од 22 дена, ISIC картичка од Аурора Турс, патничко осигурување и дел од средствата кои ќе им бидат потребни за патувањето, на платежна картичка, донирани од страна на Тутунска банка. Дополнително, за сите студенти кои ќе патуваат, донаторот Robert Bosch Stiftung организира фестивал во Берлин, од 25 до 28 јули, после кој секој студент самостојно ќе го продолжи своето Европско патешествие.

Целта на овој проект е 12 студенти од Македонија, преку патување и посети, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури во другите земји, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја промовираат и Македонија. „Патуваме во Европа” последните девет години е регионален проект, кој освен во Македонија се реализира и во останатите земји од Западен Балкан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, како и Косово.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com