HomeГОВОРНИЦАКолумна(Колумна) To be or not to be

(Колумна) To be or not to be

Набљудувајќи ја разврската на македонската политичка криза која со потпишувањето на новиот договор доби повторно институционален пат, конечно ми станува јасно дека на следните избори пред македонскиот гласач ќе биде ставена Хамлетовата дилема: Да се биде или не?

Последниот дел од преговорите за реинкарнација на Пржино резултираше со пусулче во кое на неколку страни се опишани незначајните промени, ме тера да мислам дека правната и политичката разрешница на македонската кризата ќе одат заедно во пакет, па во зависност од изборните резултати ќе добиеме се или ништо.

Во заблуда е секој оној кој смета дека е можно реформирање во од, или појасно кажано реформа без промена. Крахот на целиот институциален систем поради масовното узурпирање на неговата моќ, не може да биде реформиран од луѓето кои злоупотребувајќи го за партиски цели, целосно го уништиле.

Сметав и претходно дека реформите на македонските институции треба да бидат опфатени со договорот од Пржино, и во иднина да не бидат препуштени само на “добрата” волја на следната власт.

kolumna tbtb2

Меѓутоа ни Пржинскиот договор, ни неговото дополнување не го постигнаа посакуваниот резултат, и поради тоа ја разбирам големата разочараност на голем дел од граѓанството поради што во новото пусулче не беа опфатени голем дел од нивните барања. Меѓутоа исполнувањето на максималистичките барања на двете спротиставени страни е апсолутно невозможно, па поради тоа добивме решени кое користејќи го вордингот на Ангела Меркел би рекол дека ги прави и двете страни подеднакво несреќни. Власта поради неможноста ни преку машата наречена Уставен суд да го укине СЈО во иднина, а опозицијата и граѓанскиот сектор најмногу поради изоставувањето на специјалното судско оделение во дополнението на Пржино кое ќе го направи СЈО функционално.

После сево ова заклучуваме дека и власта и опозицијата и можеби меѓународниот фактор констатирале дека излезот од политичката криза ќе го бараат во брзи избори кои со овие дополнувања ќе се овозможи да бидат минимум фер и демократски.

Веќе на сите им е јасно дека оваа владеачка гарнитура нема политичка воља да спроведе ништо од реформскиот пакет во Прибе извештајот, и поради тоа реформите се оставени во чекална, како задача на наредната власт. На ваква поставеност на теренот брзи избори кои ќе бидат фер и демократски се единственото и најбезболното решение на кризата, меѓутоа се сомневам дека се и најдоброто и тоа најмногу поради неподготвеноста да се спроведе и ова малку договорено, што би резултирало на крај со фер и демократски избори . Поради ова не сум баш сигурен дека на крајот оваа политичка криза ќе дочека избори, барем не фер и демократски.

И наместо да продолжиме да ја играме партијата шах со она што е останато на шаховската табла, ние почнуваме да се однесуваме како мали деца и наместо да го матираме режимот, почнуваме да играме против самите себеси.

Голем дел од помалите политички партии кои протестираа изминатиов период на улиците ширум Македонија, оваа политичка криза повеќе ја гледаат како шанса за нивно политичко издигнување, а не како борба за рушење на режимот. Тоа е голем проблем со кој се соочува опозициониот блок, посебно кај они политички партии кои делат исто гласачко тело со СДСМ, и кога тие истите би бирале помеѓу пад на режимот и неколку пратеници во Собрание, сигурен сум дека би го одбрале ова второто.

kolumna tbtb3

И целата нивна борба за подобар резултат на наредните избори би била легитимна доколку имаме нормална состојба, и не се соочуваме со режим кој 10 години узурпира што стигне во државата. Меѓутоа во овој случај тие ем одмагаат во борбата против режимот ем си одмагаат самите себеси, па кога ќе ги погледнат изборните резултати на екранот ќе им биде срам да излезат на кафе, а не на избори.

Останувањето на оваа гарнитура на власт па дури и тоа да биде без Никола Груевски на чело, нема да значи демократизирање на Република Македонија.

Вие не можете да очекуватате “султанот” да ја демократизира земјата, туку дополнително да ја зајакне веќе добро поставена диктатура. Погледнете само што се случи во Турција по неуспешниот пуч. Ердоган жестоко удри по неговите опоненти.

Можеби претерувам кога овие двајца ги ставам во ист кош, но останувањето на оваа гарнитура на власт ќе значи буквално жестока пресметка со сите неистомисленици по изборите, се разбира не толку сурова како во Турција, но ударот кој ќе го задаваат во секој случај ќе биде жесток. Претпоставувам дека сеќавањата се суште свежи за да морам да ве потсетувам на начинот на кој оваа власт политички се пресметуваше со неистомислениците нели?

Изборниот ден (се разбира доколку стигнеме до него) ќе претставува всушност “Денот Д” за нашата држава, кој всушност ќе ни одгатне доста прашања за идната насока во која ќе продолжи да се движи нашата земја. Ќе скршнеме од патот, или ќе продолжиме забрзано да итаме кон амбисот.

 

Автор: Вуко Мелов
Колумната првично е објавена на порталот doznaj.com.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com