HomeДЕНЕШНАЕкономијаКолку навистина ќе ве чини матурската прослава на вашето дете?

Колку навистина ќе ве чини матурската прослава на вашето дете?

Од една минимална до над пет просечни плати во земјава ќе ги чини родителите матурската прослава на нивните деца, покажуваат некои груби проценки. Со тие пари ќе ги покријат трошоците за свечена облека, славење со школските другари во ресторан, продолжување на матурската забава во дискотека, честење на роднините и пријателите, матурски подароци и сите други давачки директно или индиректно поврзани со овој настан.

Сумата која родителите планираат да ја потрошат најмногу зависи од длабочината на нивниот џеб, но и од желбите на матурантот. Сепак, дел од родителите се решаваат и да „заглават“ финансиски, само за да му овозможат незаборавна ноќ и прослава на своето дете. Голем дел од нив до крај ги користат дозволените минуси на картичките, а има и такви кои што се решаваат да земат и кредит за да може финансиски да излезат на крај со матурата.

Од банките во земјава потврдуваат дека во периодот пред матурите дел од родителите земаат потрошувачки кредити за да ги покријат сите трошоци, но дека тоа не е масовна појава. Банкарските работници објаснуваат дека во нивните понуди не постојат наменски кредити за матури, но дека дел од клиентите за оваа цел земаат ненаменски потрошувачки кредити со кои покриваат и други домашни трошоци независно од матурските.

Во Стопанска банка АД Битола велат дека во моментов нема зголемена побарувачка на кредити кои би се трошеле за матурите.

– Додека трае периодот на матурите нема некој особен интерес кај родителите да аплицираат за потрошувачки кредити чии средства потоа ќе бидат наменети за купување гардероба, прослава во ресторани и слични расходи околу матурските прослави. Се случува, иако не многу често, токму за овие расходи родителите да се одлучат да аплицираат за дозволено пречекување или почесто за кредитна картичка, кои што исто така се еден вид на ненаменски кредит. Околу овој вид на расходи, клиентите почесто се одлучуваат да аплицираат за потрошувачки кредит кога станува збор за свадби бидејќи во тие случаи трошоците се значително поголеми – велат од Стопанска банка АД Битола.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com