HomeДЕНЕШНАРегионИнформативен мрак во Грција: Телевизиите и објавија војна на владата

Информативен мрак во Грција: Телевизиите и објавија војна на владата

Информативен мрак владее денеска во Грција по одлуката на телевизиите да прогласат 24-часовен штрајк. Одлуката за штрајк доаѓа од Федерацијата на вработени во радијата и телевизиите во Грција во знак на револт против доделувањето на само четири национални концесии за работа на четири грчки телевизиски куќи, оставајќи на цедило четири други постоечки телевизии со околу 1.800 вработени.

Државната телевизија ЕРТ и приватните телевизии денеска нема да емитуваат вести. Штрајкот доаѓа симболично на денот на годишниот говор на премиерот Алексис Ципрас во Солун, на отворањето на Меѓународниот саем, говор на кој вообичаено се претставуваат годишните цели и планови на грчката влада.

Со денешниот штрајк и одлуката да не се пренесе годишниот говор на грчката државна телевизија, грчките новинари испраќаат силна порака до владата дека не се согласуваат со нејзината одлука за регулирање на медиумскиот простор преку продавање телевизиски концесии на ограничен број медиуми и отворено бараат да се загарантираат работните места на над 1.800 луѓе вработени во телевизиите кои не обезбедија концесија.

Единствени кои се спротиставија на одлуката за штрајк се вработените од телевизијата „Алфа“ на бизнисменот Димитрис Кондоминас, која не успеа да земе телевизиска концесија и по три месеци треба да го згасне својот телевизиски сигнал. Новинарите на „Алфа“ преку соопштение коментираат дека на медиумскиот мрак кој го носи грчката влада не сакаат да одговорат со дополнителен медиумски мрак.

„Во овие критични денови нашиот глас е нашето најсилно оружје“, се вели во соопштението на вработените, кои потенцираат дека владата сака да затвори финансиски стабилна телевизија со висок рејтинг.

Покрај штрајкот на новинарите, премиерот Ципрас во Солун на отворањето на меѓународниот Саем го дочекуваат и штрајкови на грчките работнички синдикати кои бараат да се стави крај на мерките за штедење, отпуштањата на вработени и кратењето плати, како и крај на програмата за приватизација и продажба на државен имот.

Поради говорот на Ципрас и протестите, Солун денеска е под силно полициско обезбедување со над 5.000 полицајци и специјалци распоредени на секој чекор низ центарот на градот.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com