HomeUncategorizedИнтервју со Тања Џипунов: Да се соочиме „Лице в лице“ со емоциите

Интервју со Тања Џипунов: Да се соочиме „Лице в лице“ со емоциите

Уметницата Тања Џипунов од 17 до 30 јуни ќе ја одржи својата самостојна изложба која симболично е насловена „Face to face“ во време кога уметноста е ставена во позадина, кога сакаме да избегнеме соочување со посуштински прашања за убавото, емоциите, расудувањата и споделувањето на сопствените идеали.
Сепак, Тања не се плаши да се соочи и со публиката и со критиката, но и со самата себе како и секој друг уметник кој трага по возвишеното, скриеното и невидливото, но доволно моќно и привлечно. Со неа разговараме на неколку дена пред отворањето на изложбата, па веруваме дека ќе уживате во нејзините замисли за уметноста и контактот со публиката.

Позитив: Кој е главниот уметнички порив за вас при создавањето на најновите дела кои ќе бидат дел од изложбата „Face to face“?

Т:И – Кога се работи за поривот, не станува збор за една конкретна изложба. Тоа е дружење со боите и четката во мигот кога ќе почуствуваш нагон да седнеш пред платното и да ги разлееш своите чуства и емоции врз него. Да се соочиш „Лице в Лице“ со внатрешниот нагон кој се реализира на платното. Да ја поканиш љубовта, болката, гневот, стравот, радоста, мигот, да излезат од дното на душата на белината на платното. Вообичаено, љубовта е таа која се движи по платното во сите нејзини облици. Љубов како емоција, љубов кон боите, љубов кон сликите, љубов кон животот! Потоа од нив излегува душата, моќта на чувствата, а тое е тоа кое ме прави среќна и задоволна. Задоволство кое безусловно сакам да го поделам со другите!

lice vo lice3

Позитив: Какви дела може да очекуваат посетителите на изложбата?

Т:И – На оваа изложба ќе бидат поставени 30 дела, работени во посебна техника со која јас подолго време се занимавам. Имено станува збор за акрил на платно како основа, во комбинација со природни материјали како дрво, коноп, хартија… Повеќе би ја нарекла слико-скулптура, нешто како инсталација на платно.

Позитив: Што очекувате од изложбата, дали е доволно за еден уметник само да му ги видат делата или потребно е нешто повеќе?

Т:И – Токму затоа изложбата ја нареков „Face to face“ со намера љубителите на уметноста да се најдат Face to Face со уметничките дела. Да се сподели она што подолго време се работи. Да, убаво е чувството за уметникот да има што повеќе посетители. Да се сподели душата со оној кој застанува пред твоето дело, но секако многу важна е и повратната рекација. Тука јас застанувам Face to Face со публиката и критиката.

Позитив: Вашите дела очигледно служат и за инспирација на други уметници, Ана Бунтеска ви посвети песна, колку овој гест ви значи?

Т:И – Космосот е тој кој ги спојува убавите нешта. Ако некој уметник добие инспирација од моите дела тогаш ќе бидам многу среќна и ќе знам дека сум на вистинскиот пат. Да, Ана и нејзината поезија беа инспирација за моите дела, но се случи и песна од Ана за истите! Тоа не е случајно, убавото го бара убавото, љубовта ја препознава љубовта, себедавањето во таа симбиоза е бескрајно големо, душата ја бара својата сродна душа. И тоа е убаво! Благодарам е мал збор за тоа што го направи Ана.

Позитив: Што би им порачале на читателите на pozitiv.mk, како да ја ценат повеќе уметноста?

Т:И – Уметноста пред се треба да се сака. Треба да се ужива во неа, треба да се има сенс за убавото, скриеното на платното…Потребно е повеќе посети на изложби и секако почесто консумирање на убавото.

Изложбата „Лице в лице“ ќе биде поставена од 17 до 30 јуни во Музеј „Куќата на Робевци“ во Охрид.

Свеченото отворање е во петок во 20 часот.

Новинар: Христијан Станоевиќ

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com