HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов помилува 57 лица – Јанакиески рекордер со 16 помилувања

Иванов помилува 57 лица – Јанакиески рекордер со 16 помилувања

Вкупно 57 лица се опфатени со првиот бран одлуки за помилување што ги потпиша претседателот Ѓорге Иванов, кој објави „општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници и поддржувачи од спротивставените страни“ и најави дека ќе го исправи пропустот ако пропуштил да аболицира некого.

Со одлуките што се објавени во „Службен весник“ со датум 12 април, поточно истиот ден кога Иванов најави општа аболиција, се помилувани речиси целиот државен и политички врв на Македонија, тројца од „лидерската четворка“, актуелни и поранешни носители на високи државни функции, градоначалници, бизнисмени, обвинители во СЈО…

Со четириесетината одлуки за ослободување од кривично гонење и со еден акт за потполно ослободување од издржување затворска казна е пополнето речиси целото ова издание на „Службен весник“, во кој се објавени и законите за нотаријат и за извршување и неколку правилници и упатства. Во одлуките не е наведено за кои „случаи“ и за кои кривични дела се однесува помилувањето, иако некои предмети се препознаваат, како „Пуч“, „Титаник“, „Тврдина“, како и дел од случаите што произлегоа од „опозициските“ бомби. Станува збор за повеќе од 100 помилувања, со кои некои лица се опфатени повеќе пати, а нечии имиња се појавуваат само еднаш.

„Рекордер“ според бројот на помилувања е поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, чие име се појавува во 16 одлуки, а по него е поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска (13 одлуки). Доскорашниот премиер Никола Груевски го има во седум одлуки за помилување, Сашо Мијалков во шест, Мартин Протуѓер во пет, Кирил Божиновски во четири, а Горан Грујовски во три. За лидерот на СДСМ, Зоран Заев, има две одлуки за помилување, исто како и за Зоран Верушевски, Ирена Мишева и Љупчо Тодоровски.

Една одлука за помилување се однесува на поранешниот шеф на државата Бранко Црвенковски, а на списокот се најде и лидерот на ДПА Мендух Тачи – во иста одлука со членот на ДИК Бедредин Ибраими. Иванов го помилува и претседателот на парламентот Трајко Вељаноски.

Со помилувањето се опфатени и обвинителите од СЈО, Гаврил Бубески, Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова. Има одлука и за помилување на судијката Светлана Костова, како и за Израелецот Хаим Хакијни. На листата на помилувани се и градоначалниците на Скопје, на Битола и на скопска Гази Баба – Коце Трајановски, Владимир Талевски и Тони Трајковски, како и поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко. На листата помилувани се најде и сопругот на заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска – Божидар Јанковски.

Контраразузнавачот Звонко Костовски, кој со спогодба со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за сторено кривично дело шпионажа беше осуден на три години затвор, од вторникот е на слобода. Toj e првиот кој е пуштен од затвор по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува политичари и нивни приврзаници. За наводно прислушување и шпионирање во корист на странски земји, освен Костовски беа обвинети и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, брачната двојка Зоран и Соња Верушевски и Благоја Палифров, вработен во Општина Струмица.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com