HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов помилувал погрешна Фатиме – обвинителката не сака „милостина“

Иванов помилувал погрешна Фатиме – обвинителката не сака „милостина“

Специјалните обвинители Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски испратија одвоени писма до претседателот Ѓорге Иванов со кои бараат поништување на одлуките за нивно помилување.

Фетаи му порача на Иванов да ја чува неговата „милостина“ за во иднина, бидејќи и понатаму ќе му треба. Во продолжение ви го пренесуваме писмото на Фетаи интегрално.

„Причина за ова писмо е Вашата скандалозна и незаконска Одлука за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка,со која сте ме ослободиле од непостоечко кривично гонење.

Барам од Вас веднаш да донесете Одлука со која надвор од правна сила ќе ја ставите Одлуката за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка, Бр.08-549/1 од 12 април 2016 година, Службен весник на Република Македонија бр. 72.

Како правник, Ве советувам сериозно даја преиспитате вербата истручноста на Вашиот правен тим кој ве советувал да донесете вакванезаконска одлука, повикувајќи се на непостоечки членови од Законот за помилување. Или пак, можеби како што истакнавте во Вашетообраќањедојавноста,сам сте ја донеле Одлуката. Како и да е, во двата случаи најблаго кажано, се работи за елементарно непознавање.

Еден од основните услови да ослободите лице од кривично гонење е истото тоа лице да се гони кривично, а дали некое пријавено лице ќе се гони кривичноили не, одлучува јавен обвинител. Тој процес започнува кога против конкретно лице ќе започне истражна постапка или истражно дејствие и тоа лице стекнува кривично правен статус на осомничен.

До денот кога Вие грубо ги пречекоривте Вашите овластувања и ја донесовте срамната и незаконска Одлука за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка, ниту јавниот обвинител одлучил да бидам кривично гонета, ниту имам статус на осомничено лице.Со ваквиот противправен и срамен чин од Ваша страна, Вие, индиректно ме посочивте како извршител на кривично дело и ме сврстивте со лица за кои се води постапка или пак се осудени за кривични дела.

Дури и на Вас не ви е дозволено да постапувате надвор од нормите и уште помалку лажно да етикетирате лица.Иако пред Законот сите сме исти, во правна смислане сме. Постојат пријавени, осомничени, обвинети и правосилно осудени, но не се сомневам дека Вие како докажан правник тоа сигурно го знаете.

Ја одбивам Вашата “добрина“ и “милостина“ која патем треба да ја чувате за, како што изјавивте, во иднина. Но и во иднина Ве замолувам немојте неразумно да се расфрлате со неа за мене.Јас како јавен обвинител треба да бидам пример за правичност и затоа инсистирам да одговарам за моите постапки, како што и ќе инсистирам секој да одговара за своите, без исклучок.

Ова последното е потсетување дека не сум од класата на Вашите “политичари“ на кои несебично им ја поделивте Вашата “милостина“,со цел и на начин разбирлив само Вам, преку неказнување на потенцијалните извршители на тешки кривични дела, да стимулирате социјална катарза и да постигнете благосостојба во општеството на подолг рок. Видливо е дека ќе ја постигнете целта која ја најавивте, само во обратна смисла.

Кривичната пријава против мене, за која сте свесен дека е јалова конструкција на одредена група луѓе на кои очајно им треба или допрва ќе им треба Вашата “милостина“, е со цел да се наштети на мојот личен и професионален углед и на угледот на Обвинителството во кое ја извршувам функцијата обвинител. Но, Вие тоа секако го знаете, бидејќи како претседател изјавивте дека можете да дојдете до секакви податоци, дури и од тајните постапки кои се водат во Обвинителствата. Со тоа,само ги потврдувате моите сомнежи за Вашата умисла која ја имате во целата оваа валкана игра.

Не господине Иванов, “No pasarán“. Доколку сметате дека не сте дел од валкани игри и смислени конструкции, еве ви добра шанса тоа делумно да го докажете. Единствено што треба да направите е да го уважите ова мое барање за повлекување на Одлуката за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка.

Без разлика на Вашата одлука, за сторената повреда на мојата чест и углед ќе ги искористам сите правни механизми кои ми стојат на располагање и ќе барам соодветна отштета и за мене и за поблиското семејство.

На крај, само да Ви посочам дека во изведбата на најсрамниот чин во историјата на Република Македонија при неразбирливо брзање, барем за мене не требаше толку да брзате, всушност сте ја помилувале Фатиме Фетаи од Гостивар. Верувам дека сте мислеле на мене, односно сугестиите Ви биле за мене, само што требало детално да Ви ги кажат моите лични податоци. Јас не сум од Гостивар, живеам во с.Боговиње – Тетовско и со целата оваа рашомонијада која ја направивте, Вие тотално го избришавте правниот систем во Република Македонија.“ се вели во писмото.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com