HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов побара поддршка од Обама на претстојниот самит на НАТО

Иванов побара поддршка од Обама на претстојниот самит на НАТО

По повод Националниот празник на САД, 4 јули – Денот на независноста, Претседателот Ѓорге Иванов упати честитка до претседателот на САД, Барак Обама и во истата побара САД да ја засилат поддршката за прием на Македонија во НАТО:

„Почитуван господине Претседателе,

По повод 4 јули – Денот на независноста, ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки и срдечни желби за просперитет на Вашата држава, како и за благосостојба на пријателскиот aмерикански народ.

Ја користам оваа пригода, уште еднаш да нагласам дека нашите две држави ги поврзува традиционално пријателство, споделени заеднички вредности, како и стратешко партнерство во повеќе значајни домени. Активното учество на Република Македонија во повеќе мировните мисии, како и силната посветеност кон глобалната коалиција за борба против тероризмот, се важен дел од заедничките активности во регионален и мултилатерален контекст.

Високо го цениме сèвкупниот придонес, како и силната и континуирана поддршка на Вашата држава за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во Регионот, како и за остварување на стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија.

Стапувањето на Република Македонија во одамна заслуженото полноправно членство во НАТО, и натаму останува голем предизвик со кој нашата држава се соочува. Во тој контекст, ја очекуваме Вашата натамошна, уште позасилена поддршка во пресрет на Самитот на Алијансата, во јули оваа година во Варшава.

Дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување“, пишува во честитката на Иванов до Обама.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com