HomeФЕР ПЛЕЈКој ќе ја добие годинешната спортска награда „8-ми Септември”

Кој ќе ја добие годинешната спортска награда „8-ми Септември”

Утре ќе биде објавен конкурсот за доделување на државната награда „8-ми Септември“ со која се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот. Самата одлука за распишување на конкурсот ја усвои денеска на конститутивна седница во Агенцијата за млади и спорт новиот состав на Одборот за доделување на наградата „8-ми Септември“.

Во рок од година можат да се доделат најмногу пет награди од кои една награда е за животно дело за исклучителен придонес во развој на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план. Четири награди се доделени досегаж и тоа за животно дело, а носители се афирмирани имиња од спортот како Насе Насев, Марин Докузовски, Стеван Крстевски и Лазар Лечиќ.

Иницијатива за доделување на наградата „8-ми Септември“ за животно дело може да достави матичната национална спортска федерација, поддржана од најмалку десет останати национални спортски федерации. Иницијатива, пак, за четирите награди „8-ми Септември“ со кои се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот може да достават поединци, спортски клубови, национални спортски федерации и други организации од дејноста спорт.

Инаку, во Одборот за доделување на наградата членуваат: Ѓорѓе Војновиќ – претседател, проф.д-р Зоран Радиќ, проф.д-р Ленче Алексовска Величковска, проф.д-р Јовица Угриновски, д-р Руждија Калач, Александар Пујовски, Атанас Николовски, Врбица Стефанов, Пепи Манасков, Зоран Михајлов, Гоце Седловски, Астрит Исени и Мустафа Алиу.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com