HomeРЕФЛЕКТОРТеатарЗапочнуваат пробите за претставата „Силјан Штркот шанца“ во МНТ

Започнуваат пробите за претставата „Силјан Штркот шанца“ во МНТ

Денес на сцената на Македонски народен театар – Скопје започнуваат пробите за новата претстава „Силјан Штркот шанца“, работена според драматизацијата на Дејан Дуковски и во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, чија премиера се очекува во месец октомври. 

„Силјан Штркот шанца“ претставува најава но и враќање на детско-младинскиот театар на оваа институција. Имено, оваа година се навршуваат 70 години откако Македонскиот народен театар ја постави својата прва детска куклена претстава (1946) – токму оваа драма: „Силјан штркот“, работена според избор од македонското народно творештво, објавено во трудовите на Марко Цепенков, а во драматизација и режија на Петре Прличко. И самиот драматург на новата верзија (која својата праизведба ја имаше во 1991 година), Дуковски вели дека со неговата модерна драматизација оддава голема почит и се користи со мотиви и мудроста на Марко Цепенков и Петре Прличко.

Од првичната верзија во која приказната за Силјан ја раскажуваат куклите од дрво и крпи, оваа модерна верзија „се обраќа“ со жива актерска игра, со свој нов карактер и свет. Публиката со веќе изграден театарски вкус ќе ја има таа чест да ја проследи играта на Александар Михајловски, Никола Ацески, Марија Новак, Ивица Димитријевиќ, Нина Деан, Висар Вишка, Нино Леви, Кире Ѓоревски, Александар Ѓорѓиевски, Николина Кујача, Ана Стојановска и Тина Трпкоска, водени од режисерот Јаниќијевиќ и кореографот Александра Кочовска – Начева.

Светот на Силјан, неговите патешествија и авантури ќе бидат отсликани и сместени во визуелната замисла за сцената и костимот на Илина Ангеловска. Драмата претставува ретка хармонија на реалистично и фантастично, во која според режисерот Јаниќијевиќ треба да се пронајде детето во себе или како што вели тој: „Не бидете патетични, бидете деца“. Таа е продолжување на неговите веќе успешно поставени претстави за младата и повозрасна публика: „Малиот принц“, „Оливер Твист“, „Шопинг анд факинг“, „Дракула“, „Немој ти мене Фауст“ и други. 

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com