HomeРЕФЛЕКТОРЛитератураЗапочна Саемот на книгата „Подари книга, подари богатство“

Започна Саемот на книгата „Подари книга, подари богатство“

Под мотото: Подари книга, подари богатство, денеска беше отворен 28-от Меѓународен саем на книгата. Преку 70 издавачи од Македонија и од регионот ќе се претстават на годинашниот саем кој ќе трае до 18 април. На отворањето во Метрополис арената присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

Канческа – Милевска потенцира дека Владата во изминатиот период ја поддржа реализацијата на значајни капитални проекти од областа на издавачката дејност. Од 2008 година досега, како што рече, е поддржано издавањето на над 5.000 книги од сите жанрови на издавачките куќи од земјава, а двапати годишно се врши и откуп на книги во насока на збогатување на фондот на библиотеките со цел тие да бидат достапни за сите граѓани.

Присутните ги поздрави и извршната директорка на Скопски саем Даниела Глигоровска, истакнувајќи дека Саемот на книгата 28 години ги обединува домашните и странските изложувачи, како и љубителите на книгите што е потврда за успешноста на оваа манифестација.

Модератор на отворањето беше Игор Џамбазов, а се обратија писателот Раде Силјан, како и Сашо Димоски кој зборуваше од името на помладата генерација автори.

Во склоп на саемот на книга, утре се отвора и саемот за туризам, а задутре Деновите на образование и кариера. Имате илјадници причини да го посетите саемот и да се збогатите со уште некоја добра книга.

фото:Методи Здравев

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com