HomeДЕНЕШНАСветЗапален бегалски центар во Австрија

Запален бегалски центар во Австрија

Новоизградено прифатилиште во коешто наскоро требало да се вселат баратели на азил изгорело синоќа во подметнат пожар на северот од Австрија, соопшти полицијата прецизирајќи дека станува збор за прв ваков случај во земјата. Нема настрадани.

Пожарот избувнал околу два часот по полноќ и целосно ја уништил дрвената зграда. Прифатилиштето во Алтенфелден, место со околу 2.100 жители во близина на Линц, за две седмици требало да прими 48 луѓе, се наведува во соопштението на австрискиот Црвен крст.

„Иследниците оценуваат дека станува збор за подметнат пожар, бидејќи пронајдоа две жариште пред надворешните ѕидови на објектот“, соопшти полицијата на покраината Горна Австрија.

Претседателот на покраинската организација на Црвениот крст, Валтер Ајшингер, изјави дека е „згрозен“ од настанот и дека неговата организација „што поскоро“ ќе го обнови прифатилиштето. „Остануваме посветени на нашата задача на помагање на луѓето кои имаат потреби“, изјави во соопштението.

За разлика од соседната Германија, во Австрија досега не беше забележан ниеден случај на подметнат пожар во центрите за прифаќање на бегалците и мигрантите. Австрија минатата година прими околу 90.000 баратели на азил, што е повеќе од 1 отсто од нејзиното население. Со прифатните центри управуваат главно невладините организации, како што е Црвениот крст.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com