HomeГОВОРНИЦАСтавЗаврши Пивофест Прилеп, остана горчливиот (не)вкус

Заврши Пивофест Прилеп, остана горчливиот (не)вкус

Заврши овогодинешниот пивофест во Прилеп, градот полека се буди од четиридневната турбо-фолк кома.

Посетителите од земјава имаа прилика да присуствува на бесплатни концерти на ѕвезди од српската естрада, но не и да пробаат повеќе видови на пива, затоа што бројот на пивари годинава беше сведен на апсолутен минимум, што всушност треба да е примарна цел имајќи го во предвид насловот на фестивалот.

После „богатата програма“ на „Пивофест“ во изминативе четири дена, останаа прилепчани да ја „доконзумираат“ реата на прегорено месо, измет и фекалии која се шири од целиот центар на градот, во кој уште извесно време прилепчани ќе газат по големите мрсни флеки кои го шараат гранитниот плоштад.

Иако минатата година имаше најави за дислокација на пивофестот од центарот на градот, панаѓурот на скарата и турбо-фолкот, сепак и оваа година го блокираше целото централно градско подрачје, во кое спектакуларен огномет го означи крајот на манифестацијата.

Непосредно пред почетокот на овогодинешниот пивофест, до Општина Прилеп испративме прашања во кои побаравме отчетен одговор за финансиското работење поврзано со оваа манифестација:

  • Колкав е вкупниот буџет предвиден за овогодинешната организација на Пивофест ( хонорари за пејачи, водители, бина, озвучување, сместување, маркетинг кампања и рекламни материјали … )
  • По кој критериум се врши избор на коорганизатор на Фестивалот на Пивото, без предходно спроведена постапка за јавна набавка? Дали со тоа не се нарушува конкуренцијата помеѓу граѓанските здруженија кои се заинтересирани за организација на фестивалот?
  • Колкаво е финансиското учество на на ЛС Прилеп во организацијата, и дали тие финансиски средства се предвидени во буџетот на ЛС Прилеп за 2016 година? Која е улогата на Општина прилеп во организирањето на манифестацијата, дали е организатор, коорганизатор или покровител?
  • Зошто со барањата за спонзорство и донации испратени до стопанските субјекти од страна на ЛС Прилеп и ЦГИ, се бара средствата да се слеваат само на сметка од ЦГИ? Дали тоа не е во спротивност со законот за спонзорства и донации во јавните дејности?
  • Дали од страна на СЈО се превземени некакви предистражни или истражни постапки спрема ЕЛС Прилеп поврзани со организацијата на Пивофест низ изминатите години, кои беа предмет на интерес и во обајвените „бомби “ од опозицијата?
  • Е-маилот со прашањата беше испратен до четири различни субјекти во Општина Прилеп, кои се надлежни да понудат одговори, но во манирот на „отчетност и транспарентност“ на матичната институција на градот, одговори не добивме до моментот на објавувањето на овој текст, иако поминаа скоро три недели.

И оваа година не изостанаа заумните (непроверени) бројки на посетеност, пласирани од Општина Прилеп, што дополнително поставува прашање за вкупните приходи од фестивалот на пивото и скарата, и каде ќе завршат тие средства? Дали ќе се прикаже нивната вистинска бројка? Дали ќе влезат во буџетот на Општината, или ќе завршат на нечија друга недопирлива сметка?

Идејата за пивофест останува да биде само одлична замисла на хартија за промоција на Прилеп. Но долколку рализацијата на оваа идеја не претрпи значителни промени во годините што следат, оваа манифестација ќе остане само траума за прилепчани, и прилика за серија бесплатни концерти на „ѕвездите“ од Гранд и пинковата палета на музички интерпретатори, но никако фестивал на пивото.

Кажано на официјалниот јазик на Пивофест: било – не поновило се.

Коментарот е преземен од 10bez10.com

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com