HomeДЕНЕШНАСветЗаврши интересот за екстази, Европјаните сакаат канабис

Заврши интересот за екстази, Европјаните сакаат канабис

Расте бројот на корисници на канабис во Европа, интересот за екстазите се намалува, додека онлајн трговијата се развива. Ова се главните наводи од годишниот извештај на Европскиот центар за мониторинг на наркотиците и наркоманијата (ЕЦМНН), пренесоа француските медиуми.

Над 88 милиони возрасни лица во ЕУ или над една четвртина од луѓето на возраст од 15 до 64 години, веќе користеле забранети наркотични средства, се наведува во годишниот извештај на центарот, објавен денеска во Лисабон. Според некои оценки, пазарот на незаконските наркотични средства во ЕУ во 2013 година изнесувал 24,3 милијарди евра.

Најголем дел во него, со 38 проценти, го има канабисот, без разлика дали е увезен или локален, и според ЕЦМНН неговото производство се претворило во „значителен извор на приходи за организираниот криминал“. Следуваат хероинот, со 28 проценти, кокаинот со 24 проценти, амфетамините со осум проценти и таблетите екстази со три процента.

Канабисот претставува и три четвртини од количеството конфискувана дрога во Европа (50 проценти за „тревата“ и 24 проценти за смолата), далеку пред кокаинот и крекот со по девет проценти, амфетамините со пет проценти, хероинот со четири проценти и екстази со два процента. Според авторите на извештајот, околу еден процент од полнолетните Европејци секојдевно или речиси секојдневно консумираат канабис.

Центарот предупредува и на опасноста од новите психоактивни средства, посебно канабиноиди и синтетички опијати, кои понекогаш се токсични. „Младите корисници може, без да знаат, да послужат како опитни зајчиња за наркотичните средства, чии потенцијални ризици за здравјето во голем степен се непознати“, се наведува во извештајот.

Во 2015 година добиени биле информации за 98 нови наркотични средства, а во 2014 година за 101. Во 2014 година во ЕУ биле регистрирани најмалку 6.800 смртни случаи од предозираност, главно со хероин, со загрижувачко зголемување на овој показател во Ирска, Литванија, Шведска и Велика Британија.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com