HomeДЕНЕШНАЕкономијаЕксперти: КХВ мора да ги истражи сомнителните компании кои сакаат влез во „Макпетрол“

Експерти: КХВ мора да ги истражи сомнителните компании кои сакаат влез во „Макпетрол“

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) мора да ја исполни својата улога како заштитник на македонското стопанство и темелно да ги истражи сомневањата дека компанијата што се обидува да го преземе „Макпетрол“ е дел од сомнителни офшор-шеми, едногласни се експертите.

Изминатите недели се појавија низа информации и докази за поврзаноста на директорот на „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“, Василиј Евдокимов, со редица офшор-фирми регистрирани на Кипар и на Британските Девствени Острови. Покрај ова, името на уште еден контроверзен бизнисмен – Ури Бидер, кој учествувал во уништувањето на романската рафинерија „Рафо“, се поврзува со „Балкан Петролеум“, а тој бил виден на последното акционерско собрание на „Макпетрол“. Ваквите информации, според експертите, мора да го вклучат алармот во Комисијата за хартии од вредност, чија задача е да ги истражи сомневањата и да ја заштити домашната економија од влез на црн капитал од странство.

За универзитетскиот професор Марко Андонов, КХВ има на располагање многу ресурси и начини да ги истражи потенцијалните сомнителни зделки.

– Јас да сум регулатор ќе барам од основачот на компанијата да ми ги даде на увид сите нејзини извештаи. Ова треба да го направи КХВ пред да донесе каков било заклучок во врска со понудата на купувачот. Регулаторот, ако сака, може да открие и многу повеќе од тоа – изјави Андонов.

Професорот и декан на Правниот факултет, Горан Коевски, вели дека во европските земји има искуства кои покажуваат дека улогата на регулаторот е клучна во ваквите ситуации.

– Во Германија при еден таков обид на американска компанија за преземање на германска компанија, дури и германските власти и политичари се изјасниле: „Не е ова дивиот американски запад за да можете да правите што сакате, на препад да преземате компании“. Сепак, тука има друга правна и економска традиција и заради тоа се многу ретки таквите случаи – вели тој.

Деновиве во јавноста се огласи и поранешниот прв човек на Управата за спречување на перење пари, Ване Цветанов. Тој смета дека финансиските органи во земјава треба итно да се вклучат во целиот случај со „Макпетрол“.

– Индикаторите за сомнеж за перење пари се целосно исполнети. Ако се погледне стручно на целата оваа состојба, управата е должна да изврши комплетна анализа и е должна, доколку процени, да изврши и блокирање на самата трансакција. Доколку станува збор за одредена фирма која во друга земја влегла во одредени криминални дејанија, во одредени противзаконски дејанија, доколку за таа фирма се водат некакви постапки, управата е должна да го блокира тој процес на преземање на „Макпетрол“, бидејќи може да дојде до сериозни последици за македонската економија – вели Ване Цветанов.

Во меѓувреме, Комисијата за хартии од вредност сè уште не се изјаснува околу обидот за преземање на „Макпетрол“ од сомнителните странски инвеститори, како и околу обвинувањата од „Макпетрол“ дека „Балкан Петролеум“ ги контактирал акционерите и пред да ја достави јавната понуда, со што го прекршил законот.

Извор: Плусинфо

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com