HomeФЕР ПЛЕЈФудбалЕдер ја украде славата, Португалија е нов шампион на Европа!

Едер ја украде славата, Португалија е нов шампион на Европа!

Фудбалерите на Португалија се новите шампиони во Европа, за прв пат во својата историја! Повеќепати отпишуваните во текот на шампионатот, многумина ги иритираа со својата игра во изминатите месец дена, но тоа од вечерва се шампиони на Европа! Подвигот е уште поголем кога се знае дека до оваа голема победа дојдоа без својот најдобар фудбалер.

ronaldo

До оваа историска титула Португалија стигна вечерва елиминирајќи го домаќинот Франција во финалето на Европското првенство на стадионот „Франција“ во Сен Дени со резултат од 1:0 после продолженијата, бидејќи во регуларниот тек резултатот беше 0:0. Голот на одлука го постигна Едер на почетокот на второто продолжение, а финалето секако го одбележа и повредата на Кристијано Роналдо во воведниот дел од натпреварот.

Првата прилика беше видена уште во 10 минута, кога Паје му асистираше на Гризман, а тој одлично шутираше под пречката, но Руи Патрисио со уште подобра интервенција ја одби топката во корнер и спречи рано водство на „Триколорите“. А потоа следеше шок, се повреди Кристијано Роналдо!

После еден остар старт на Паје на средината на теренот, Роналдо го повреди коленото, поради што беше принуден со солзи да го напушти теренот.

Роналдо 2

Сите на стадионот беа во шок како и самите актери на теренот, па целиот натпревар од тој момент тргна во друг правец. До крајот на полувремето и немаше некои посериозни шанси за гол, иако Франција имаше блага иницијатива, сепак после 45 минути комплетниот впечаток беше разочарувачки.

Во 59-минута, одлична акција на Коман-Гризман, но најдобриот стрелец на шампионатот шутираше директно во голманот Руи Патрисио. Тоа беше само вовед во уште поконкретна и уште посериозна акција од истиот тандем седум минути подоцна. Коман овој пат центрираше од левата страна, Гризман му побегна на Герера и со удар со глава ја испрати топката за малку над пречката.

Гризман

Подоцна селекторот на Франција го извади Жиру од игра и го внесе Жињак, а селекторот на Португалија го внесе во игра Едер на местото на Ренато Санчез. Само минута подоцна, изненадна опасност кон голот на Лорис. Прво Нани од десната страна упати центаршут кој наликуваше и на шут кој заврши под пречката, Лорис ја одби топката до Кварезма, кој шутираше од косо од левата страна, но Лорис беше сигурен.

Влеговме во самиот финиш на регуларниот дел, кога шанса имаше и Сисоко со силен удар од дистанца, но ни тој не успеа да го совлада Руи Патрисио.

rui patrisio

И кога чекавме Клатенбург да означи крај на регуларните 90 минути, Франција ја создаде најдобрата прилика за да постигне погодок. Евра од левата страна испрати топка за Жињак, а тој одлично се ослободи од Пепе, избори простор за шут го совлада Руи Патрисио, но погоди само статива.

Во паузата пред почетокот на првото полувреме, Кристијано Роналдо се врати на теренот да им даде поддршка на соиграчите да издржат до крај, а тие во 104 минута можеа да дојдат и до предност после корнер од десната страна, кога Едер беше највисок во скокот, но Лорис ја зачува мрежата. Португалците имаа одлична прилика и од слободен удар, но Лорис со фантастична одбрана спречи погодок.

Но, само минута подоцна, следеше вистински шок за домаќините! Одлична акција на се похрабрите Португалци, Едер упати одличен удар од нешто повеќе од 20 метри од голот за кој Лорис немаше решение и Португалија дојде до предност од 1:0. Следеше големо славје на клупата на Португалија, каде повторно бевме сведоци на солзи на Кристијано Роналдо, но овој пат радосници.

Дешамп до крајот го внесе и Марсијал во игра, но веќе Франција беше комплетно немоќна за да направи некакви промени на самиот крај.

ПОРТУГАЛИЈА

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com