HomeДЕНЕШНАСветДозволата за второ дете го сруши табуто за вештачкото оплодување во Кина

Дозволата за второ дете го сруши табуто за вештачкото оплодување во Кина

Одлуката на Кина да им овозможи на сите венчани двојки да имаат две деца донесе пораст на побарувачката на третмани за плодност кај постарите жени, правејќи голем притисок врз клиниките и урнувајќи ја чувствителноста за ова прашање во минатото, па дури и срам за овој проблем.

Порастот на ин витро оплодување (ИВФ) е показател за одложените соништа на многу родители кои долго време сакале второ дете, но биле спречени од строгата политика за контрола на популацијата која е во сила повеќе од 30 години.

Ова, пак, ги менува ставовите кои преовладуваа во Кина во врска со третманите за плодност – порано ова прашање беше толку чувствително што двојките не сакаа да им кажат дури и на нивните родители или други членови на семејството дека имаа проблеми со зачнувањето.

„Се’ повеќе жени доаѓаат да побараат да имаат второ дете“, вели д-р Лиу Џијаен, шеф на приватна болница во Пекинг во која се лекува неплодност со вештачко оплодување, каде што јајце клетка и сперма се спојуваат во лабораториски сад и ембрионот кој се создава како резултат на тоа потоа се префрла во матката на жената.

Лиу проценува дека бројот на жени кои доаѓаат кај нив за вештачко оплодување е зголемен за 20 отсто по олабавување на политиката, која стапи во сила на почетокот на годинава. Пред тоа, просечната возраст на неговите пациенти била околу 35 години. Сега повеќето од нив се постари од 40 години, а некои од жените се приближуваат кон 50, рече тој.

Чен Јун (39) беше во болница каде што чека за првпат да ја спроведе постапката. Таа и нејзиниот сопруг веќе имаат 7-годишен син и нивните семејства ги охрабруваат да имаат второ дете. „Се приближуваме кон крајот на возраста за раѓање. Може да ми биде тешко природно да забременам бидејќи спермата на мажот ми може да има проблем, затоа сакаме да го решиме овој проблем со помош на вештачко оплодување“, вели таа.

Во изминативе две децении, ИВФ-технологијата брзо се развива во Кина, каде што околу 10 отсто од паровите се проценува дека имаат потреба од постапка за зачнување. Во 2014 година, 700.000 жени имале ИВФ-процедури, според здравствената комисија при Одделот за жени и деца, која во соопштението наведува дека побарувачката на сите видови третмани на неплодност се зголеми по олабавување на политиката, вклучувајќи ја и употребата на традиционалната кинеска медицина.

Претходно, Кина ги ограничи повеќето урбани двојки да имаат по едно дете, а руралните двојки две деца ако првото им е женско. Имаше исклучоци за етничките малцинства, а оние кои живееја во градот можеа да не ја почитуваат политиката, ако беа подготвени да платат надоместок пресметан според годишниот приход на домаќинството.

Додека властите ја оправдуваа политиката која беше воведена во 1979 година со спречување на дополнителни 400 милиони деца, многу демографи велат дека стапката на фертилитет сепак ќе се намалеше како што кинеската економија се развиваше и се зголемуваше нивото на образование.

Дизајнирана да го заузда зголемувањето на населението, политиката се обвинува за искривување на демографијата на Кина, со тоа што доведе до намалување на големината на идната работна сила во време кога децата и општеството се соочуваат со растечките потреби на се’ поголемиот број стари лица. Таа, исто така, го зголеми односот на момчиња и девојчиња, кога женските фетуси биле селективно абортирани, принудувајќи голем број жени да имаат принудни абортуси или да го дадат нивното второ дете на посвојување, што направи многу семејства да бидат уништени.

Под притисок се и банките за сперма во Кина, кои веќе чувствуваат недостиг што се должи на неподготвеноста меѓу младите Кинези да донираат и кои не сакаат да бидат татковци на деца за кои тие нема да знаат или стравуваат дека нивните деца еден ден може да им се појават пред врата, и покрај тајноста на информациите за донаторите.

извор: АП

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com