HomeДЕНЕШНАРепубликаДемант од Царинската управа во врска со хуманитарната помош од Бугарија

Демант од Царинската управа во врска со хуманитарната помош од Бугарија

За да обезбедиме навремено и точно информирање на јавноста, Царинската управа остро реагира на информирањето на Телевизија Стар – Штип преку последниот прилог објавен на 13.08.2016г. под наслов „Македонски цариници вратиле хуманитарна помош од Бугарија за Скопје”, а превземен од порталите Либератс, Плусинфо, Локално и Репортер. Со оваа информација овие медиуми се обидоа да и наметнат на јавноста мислење дека одлуките на Царинската управа се избрзани, погрешни и лоши и дека граѓаните ќе плаќаат за лошите одлуки, а со тоа да се дискредитира работата на Царинската управа.

Сакаме да информираме дека во овие тешки моменти кога сме соочени со загуба на човечки животи и големи материјални штети предизвикани од невремето кое вечерта на 6 Август 2016 година го зафати Скопје, Царинската управа е целосно посветена на итно, брзо, ефикасно и ефeктивно спроведување на царинските процедури поврзани со хуманитарната помош која пристигнува од повеќе земји, за што и цело време сме во координација со сите надлежни институции.

Меѓутоа, во овие тешки моменти постојат и луѓе, кои сакаат да ја искористат ситуацијата во своја корист, што е поврзано и со конкретниот случај на ГП Делчево за кој пишуваат овие медиуми. Имено, од нив е презентирана слика на која има товарно моторно возило кое воопшто не кореспондира со реалната слика од терен (станува збор за комбе), како и изјава на лицето Делчо Гошев кое изјавува дека не му било дозволено да внесе во Република Македонија хуманитарна помош, без во ниеден момент да спомне дека вистинската причина за неговото враќање назад било тоа што на истото му било соопштено дека за дел од стоката која не е дел од хуманитарната помош (еден нов апарат за заварување) која ја носи со себе треба да плати царина, со кое тој не се согласил, а останата стока која ја декларирал како хуманитарна помош му била само изговор да го избегнe тоа. Тука сакаме да нагласиме дека лицето двапати се обидело да ги измами царинските службеници и да внесе стока без плаќање на давачки. Царинските службеници во целост постапиле согласно своите законски надлежности.

Информираме дека како дел од хуманитарната помош (која количински не одговарала со доставениот список, односно била во многу помала количина) во бажникот на комбето била следната стока: два пакети шишиња со вода од по 0.5л, една провидна ќеса во која имало две употребувани ќебиња, две употребувани детски блузи, десет комплети (од кои пет пакувани во ќеси и пет распакувани) работнички одела, а на седиштето во возилото имало една голема црна ќеса со 15 пакувања од по 5 пара, вкупно 75 пара чорапи.

Царинската управа како досега така и понатаму ќе работи координирано со другите институции со цел расчистување на последиците од катастрофалното невреме што го зафати Скопје.

Имајќи предвид дека еден од основните принципи на однесување на новинарите, согласно Кодексот на новинарите на Македонија е –Почитувајќи ги етичките вредности и професионални стандарди во пренесување на информациите, новинарите да бидат чесни, објективни и точни, сметаме дека ваквото информирање ги крши овие принципи.

Во интерес за правилно и објективно информирање на јавноста, бараме овој демант во целост да биде објавен денес од наведените медиуми.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com