HomeГОВОРНИЦАСтавДемант на професорот Александар Климовски

Демант на професорот Александар Климовски

Професорот Александар Климовски ја демантираше веста објавена на телевизија Телма, а воедно преземена и линкувана од нашиот портал, со наслов “Макптрол ќе го тужи за клевета професорот од Правниот факултет, Александар Климовски”.
Демантот го објавуваме во целост.

Почитувани,
Преку вашиот интернет портал во веста со наслов “Макпетрол ќе го тужи за клевета професорот од Правниот факултет, Александар Климовски”, објавивте дека од страна на Макпетрол АД сум добил тужба за клевета, сторувајќи директна клевета и навреда кон мене, како и нарушување на мојата чест и професионален и личен углед. Би сакал да ве потсетам дека мојата компетентност ја верификувал Правниот факултет “Јустинијан Први” како и Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” од Скопје со избор во сите наставно-научни звања, а за моите стекнати акредитации одлучил Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Патем, за моите научни квалификативи најдобро е да се обратите на рецезнетите на моите трудови објавени во меѓународни научни списанија, како и на странските рецензенти, менаџери на Fortune 500 корпорации, на мојот учебник Корпоративно управување. Според тоа, вие сте требале пред да ја преземете веста од Телма Телевизија која е најмалку компетентна да дава оценки и судови за моите научни звања и стручни квалификации, да ги проверите изнесените клевети од нивна страна кон мене.

Со преземањето на веста пласиравте дезинформации со толкувања на мојата стручна анализа на состојбите во Макпетрол објавени во порталот МКД.МК под наслов “Дезинформациите нанесуваат штета и на акционерите и на бизнис логиката” и коментари за истата од страна на Телма Телевизија дека наводно сум вршел закана кон Комисијата за хартии од вредност. Ве потсетувам дека барањето за одговорност и законито постапување, вклучително и на Комисијата за хартии од вредност е демократско стекнато право на секој граѓанин. Според тоа немаат логика инсинуациите дека јас експлицитно сум побарал да се покрене прашањето за одговорност на Комисијата за хартии од вредност поради барање на дополнителна документција која не произлегува од барањата на Законот за преземање на акционерските друштва. Патем, би сакал да напоменам дека во горенаведената вест која вие ја преземавте од Телевизија Телма со која што јнеосновано сум инкриминиран, се истакнува дека сум сторил кривично дело, со што телевизијата ја презема паралелно улогата на обвинител и улогата на судија. Морам да заклучам дека ваквото ваше постапување е спротивно на правилата на новинарската етика.

Во однос на прашањето дека сум бил запознаен со внатрешните состојби на Макпетрол АД, ве потсетувам дека годишните сметки и акционерската книга кои укажуваат на состојбите во друштвото како и успехот во работењето, се документи до коишто јавноста може да има пристап и врз основа на нив се изведени логични заклучоци. Во Република Македонија се применуваат Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а не Англискиот компаниски закон, на којшто Телма и нивните експерти се повикуваат околу случајот за преземањето на Макпетрол АД, и тоа е лекција која што ја учат студентите уште на прва година правни студии.

Сметам дека не доликува на нивната декларирана објективност, да ги поврзуваат моите општествени заложби во ГДОМ насочени за зачувување на државноста и суверенитетот на Република Македонија со моите размислувања и стручни ставови за конкретниот случај поврзан со преземањето на Макпетрол АД од страна на Балкан Петролеум.
Би сакал да ви истакнам дека живееме во време каде што ние како академска заедница имаме обврска да развиеме дискурс со граѓаните за појавите во општеството, а особено за бизнис случувањата. Затоа, сакам јасно да ви биде дадено до знаење, дека овој обид од страна на Макпетрол и Телма Телевизија, но со преземањето на веста и од ваша стана, за моја лична и професионална дискредитација нема да ме оттргне од моите професионални убедувања за очигледните системски и поединечни злоупотреби на одредени корпорации во нашата земја кои влечат корени од срамната и нечесната приватизација.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com