HomeДЕНЕШНАРегионГрчкиот суд ги осуди пребеганите турски војници со условна затворска казна

Грчкиот суд ги осуди пребеганите турски војници со условна затворска казна

Судот во грчкиот град Александруполис ги осуди денеска осуммината турски офицери, кои со хеликоптер избегаа од Турција за време на обидот за државен удар, на условна казна од два месеца затвор. Тие се обвинети за илегално влегување во земјата.

Против седум е подигнато и обвинение за морално поттикнување на нелегален лет, а пилотот на хеликоптерот, кој го слета леталото на аеродромот во Александруполис, е обвинет за извршување на незаконски лет. Офицерите, за кои турските власти бараат екстрадиција за да им суди воен суд во Турција поради нивно учество во обидот за пуч, побарале азил во Грција.

Турските офицери, меѓу кои има мајори, капетани и наредници, стравуваат за своите животи во нивната земја, велат нивните адвокати, особено по најавите на турски владини претставници дека смртната казна може да се врати за оние кои се прогласени за виновни за велепредавство.

Турскиот амбасадор во Атина, Керим Урас, повика да се екстрадираат турските офицери, истакнувајќи дека доколку тие не бидат вратени, тоа ќе им наштети на билатералните односи меѓу Атина и Анкара. Грчкиот премиер Алексис Ципрас избегнуваше јавни изјави за ова прашање.

По разговорите со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и премиерот Бинали Јилдирим, веднаш по обидот за државен удар, Ципрас рече дека грчките власти ќе ги испитаат барањата за азил од осуммината турски офицери, но со целосно почитување на меѓународните закони и договорите за човекови права. Грчката Влада покажа неутрален став во однос на судството, во пресрет на судењето на турските офицери и во однос на грчката служба за азил која ќе ги разгледа нивните барања.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com