HomeГОВОРНИЦАСтавГОРДОСТ И СРАМ: Што се случува во Ченто, Стајковци, Смилковци, Црешево…?

ГОРДОСТ И СРАМ: Што се случува во Ченто, Стајковци, Смилковци, Црешево…?

Екипата на Позитив.мк ги посети најзагрозените населени места во околината на Скопје. Ченто, Стајковци, Смилковци, Црешево… Четири дена по невремето, се уште крв, солзи и пот. Четири страшни денови за жителите на овие села. Четири денови по ред граѓаните на Македонија ја покажуваат ХУМАНОСТА и НЕЧОВЕЧНОСТА. Четири денови гордост и срам.

Од првиот ден до денеска на терен се сите екипи: Армијата, Посебната едница за поддршка, Центар за управување со кризи кој доби засилување од Косово, Противпожарните екипи – со српските колеги, Црвен крст, други хуманитарни организации, доброволци… Се дели вода и леб, се носи механизација во поплавените куќи…
poplava 4
Симната капа за секој човек кој го вложи својот труд и одвои од своето време да отиде во селата барем некако да помогне. Нека им служи на чест на оние кои се обидуваат да профитираат и на оние кои ја заборавија хуманоста за да политизираат. Овие вториве го претвораат очајот на загрозените во бес.
poplava 1
Четири денови – телевизиите со различни репортажи, порталите со различни приказни. На теренот: припадници на армијата неуморно вадат кал од поплавените подруми и гаражи со колички, работници со тешка механизација се обидуваат да ги поправат штетите на разораните улици, волонтери чистат во куќите со лопати и вили, други пак разнесуваат вода и леб. Сепак, чувството на гордост се губи кога ќе ги видите луѓето кои со солзи во очите раскажуваат дека нивната куќа била прескокната и екипата отишла само кај соседите. Се губи чувството на гордост кога ќе видите како пристигнува камион со пакети вода, а одредени лица се обидуваат да украдат дел од нив за подоцна да ги продадат. Волонтерите спречија неколку такви кражби на помошта која хуманите луѓе ја донирале за загрозените. Се губи чувтсвото на гордост кога сам изнемоштен старец низ солзи ќе ви каже дека никој не дошол да му донесе вода или да му помгне. Неговиот дом е четврти ден полн со вода која тој не е во состојба да ја извади.
poplava 2
Теренот по катастрофалното невреме е исполнет со очај. Очај кој ги вади на површина најхуманите и најмонструозните човекови состојби на умот. Очај кој ги нагласува човечноста и нечовечноста.

Министри, пратеници, власт и опозиција – сите се сликаа во загрозените подрачја. Политичкиот популизам во дворот на очајните. Господа фино изгледате на профилните слики на Фејсбук, може сега да им пружите вистинска (реална) помош на настраданите? Дали може само еднаш да ги ставите на пиедесталот човековите судбини пред политичките поени?
poplava
И додека караванот си врви, солзите на настраданите продолжуваат да течат. Не очекуваме дека политичарите (сликачите) ќе обрнат внимание на овие редови, за сите останати кои навистина сакаат да помогнат АПЕЛИРАМЕ: Потребни се средства за чистење и лична хигиена, ќебиња, облека… Однесете ги во Црвениот крст или на некој од пунктовите за помош, најмногу ќе помогнете ако отидете директно кај загрозено смејство. Донирајте на 143 400. НАЈМНОГУ НЕДОСТАСУВААТ ВОЛОНТЕРИ. Хумани луѓе, одвоите еден ден од важиот живот, облечете стари тренерки и гумени чизми, земете лопата, крпи, било што… и помогнете им на оние на кои катастрофата (природна и човечка) им го уништила она кое цел живот го граделе.
poplava
Почит за фирмите и граѓаните кои несебично донираа и почит за волонтерите кои со својот труд неуморно помагаат. Вие останатаите кои не помагате на никаков начин, Ве молиме не одмагајте.

Со почит

Позитив.мк

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com