HomeДЕНЕШНАЕкономијаВо Македонија се прават брендирани чевли – работниците експлоатирани

Во Македонија се прават брендирани чевли – работниците експлоатирани

Скапи „италијански“ чевли направени за милостина во експлоататорски фабрики во Источна Европа, ваков наслов осамна во британски „Гардијан“ за истражување кое дало загрижувачки сознанија. Весникот пишува дека чевлите кои на Британскиот пазар се продават за висока цена како брендови произведени во Италија и Германија, всушност се произведуваат во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Полска, Романија и Словачка преку експлоатација на евтина работна сила.

Скандалот го разоткри европската чевларска индустрија чие истражување покажа дека големите брендови исплаќаат нелегално ниски плати, а работниците работат во загрижувачки услови во фабриките. Истражителите за Гардијан тврдат дека дел од големите брендови користат дупка во законот, декларирајќи ги чевлите како произведени во Италија и Германија за да направат претстава дека се со висок квалитет, а всушност се произведени во земји со евтина работна сила каде што се експлоатираат работници. Во извештајот е посочено дека работниците работат за помала плата од минимално загарантираната.

„Ако работникот треба да заврши, да речеме 9.000 пара чевли, тој ќе стави 90 пара, па дури и ако треба да умре, ќе мора да ги заврши”- кажал македонски работик за истражителите кои го подготвиле извештајот.

„Гардијан“ пренесува дека во една македонска фабрика, која произведува обувки од брендовите на Геокс и Дајхман и Бата, се исплаќаат незаконски ниски плати во износ од 131 евро месечно, со прекувремена работа, додека законскиот минимум изнесува 145 евра без прекувремена работа.

Од Геокс не сакале да одговорат на ваквите обвинувања, додека од Дајхман и Бата изјавиле дека не се свесни за оваа состојба и ќе почнат сопствена истрага, посочува Гардијан.

Во извештајот се наведува и пример дека еден македонски работник се онесвестил од силните хемикалии и студената просторија, по што со инвалидска количка бил однесен в болница. Други македонски работници кажале дека заболеле од ревматизам, алергии и респираторни проблеми.

Во извештајот е наведено дека производителите користат европска дупка во законот позната како ОПТ шема која им дозволува да произведуваат делови од чевлите во земји со ниска работна сила, а подоцна да ги увезат ослободени од даноци каде се пакуваат и добиваат декларација дека се произведени во Италија или Германија. Експертите кои го изготвиле извештајот ја осудуваат оваа правна можност и ја опишуваат како „економски и социјател пат до уништување“.

Во извештајот е нотирано дека работниците во Албанија и во Македонија земаат толку ниски плати што не можат да ги прехранат своите семејства, а јазот меѓу законски загарантираната минимална плата и висината на исплатените дневници е поголем отколку во Кина.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com