HomeДЕНЕШНАПолитикаВојниците бараат зголемување на платите и огранизиран превоз

Војниците бараат зголемување на платите и огранизиран превоз

Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ) и Независниот синдикат на професионалните војници (НСПВМ) денеска на прес-конференција побараа да им се зголеми платата за 20 проценти, да се реши проблемот со организираниот превоз, да се исплатат заостанати дневници, патни трошоци и закупнини.

Од СОБ и од НСПВМ побараа одговорност од надлежните за, како што велат, наталожените проблеми со кои се соочуваат во АРМ и во МО и најавија одржување штрајк по завршувањето на годишните летни одмори доколку не почне решавањето на нивните барања.

Потенцираа дека припадниците на АРМ и на МО се еден од носечките столбови на државата и се најдобрите амбасадори во светот со својот докажан професионализам при извршувањето на поставените задачи.

– Со нашиот професионален ангажман на јужната граница на нашата земја ја одбранивме ЕУ од напливот на бегалци. Припадниците на МО и на АРМ чесно, пожртвувано, коректно и професионално ги извршуваат секојдневно поставените задачи – истакнаа претседателите на СОБ и на НСПВМ, Ристо Ајтов и Аднан Алитов.

Од министерството за одбрана реагираше на прес конференцијата на синдикатот. Оттаму велат дека ниту еден припадник на АРМ, нема да биде финансиски оштетен. Напротив, согласно позитивните законски прописи, средствата за превоз на припадниците на АРМ, ќе им бидат надоместени, односно ќе добијат соодветен надоместок за превоз.

„Во однос на превозот на припадниците на Армијата на Република Македонија, Министерството веќе ја информираше јавноста дека тендерската процедура започна навремено уште во месец јануари и веќе се потпишаа договори за превоз на 23 линии. За одреден број на линии, поради високата цена понудена од фирмите, на барање на Генералштабот на АРМ, тендерската процедура е поништена. Започната е нова процедура за набавка која очекуваме да заврши до крај на месец септември“, се вели во реакцијата од МО.

Од таму додаваат дека сите барања до Министерството поврзани со надоместоците за припадниците на АРМ се процесирани заклучно со месец април и првата половина на месец мај. Министерот во неколку наврати информираше дека поради евентуални технички пропусти во единиците, можно е на мал број на припадници на АРМ чии имиња не биле навремено доставени до Министерството, да доцни исплатата на пропишаниот надоместок, но тој ќе им биде исплатен.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com