HomeДЕНЕШНАРепубликаВладата донесе одлука за продажба на амбасадите во Канбера и Цирих

Владата донесе одлука за продажба на амбасадите во Канбера и Цирих

Одлуката на владата за продажба на амбасадите во Цирих и Канбера беше објавена со Службен весник и во тек е постапка за отуѓување на овој државен имот. Информацијата за НОВАТВ ја потврдија и од Министерството за надворешни работи. Минималната цена која што се бара за амбасадата во Цирих е 3.000.000 швајцарски франци, а почетна цена за амбасадата во главниот австралиски град е 1.100.000 австралиски долари.Во владината одлука пишува дека продажбата на двете амбасади ќе оди по пат на јавно наддавање, а вредноста на имотот е утврдена врз основа на проценка што ја направиле тамошни проценители.

Во објавата за амбасадата во Канбера пишува дека се продава само објектот, а во Цирих освен амбасадата на продажба се нуди и градежното земјиште. Зошто се продаваат амбасадите и какви се плановите со парите кои ќе се добијат од продажбата, од Министерството за внатрешни работи не добивме објаснување. Поделбата на амбасадите од југословенското наследство беше извршена врз основа на Резолуцијата усвоена од Мешовитиот комитет за поделба на дипломатско- конзуларниот имот усвоена во Загреб во 2006 година со која е извршена поделба на 44 дипломатско-конзуларни претставништва на поранешната СФРЈ од регионот на ОЕЦД.

На Македонија и припаднаа четири објекти, Амбасадата на поранешната СФРЈ во Канбера, Австралија, Конзуларното одделение при Амбасадата на поранешна СФРЈ во Атина, Грција, репрезентативен стан во Рим, Италија, како и објектот во Цирих. Минатата година весникот Канбера Тајмс објави дека македонската амбасада е кираџија и за просториите плаќа по 5700 австралиски долари месечна закупнина. Планот бил со парите од продажбата на амбасадата, наследство од СФРЈ, да се изгради нова македонска амбасада или да се купи нов објект.

Владата уште лани имала намера да ја продаде амбасадата во Канбера, но за тоа македонската јавност дозна од австралиските медиуми, а не од државните институции.

Извор: Novatv.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com