HomeДЕНЕШНАПолитикаВицепремиерот Адеми на средба со новоназначениот грчки амбасадор Јанакакис

Вицепремиерот Адеми на средба со новоназначениот грчки амбасадор Јанакакис

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми денеска се сретна со новоназначениот грчки амбасадор во Македонија, Димитрис Јанакакис.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на средбата Адеми му ја честитал на Јанакакис новата функција посакувајќи му успешен мандат.

Адеми нагласил дека мерките за градење на доверба се значаен чекор кон промовирање на добрососедските односи и продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји.

Вицепремиерот Адеми се осврнал на позитивните случувања во последните години одбележани со посети на високи претставници од двете земји, како и постојани технички состаноци на високо ниво со надеж дека воспоставената практика на стручни консултации за прашања поврзани со ЕУ ќе продолжи и понатаму.

На средбата била поздравена добрата економска соработка помеѓу двете земји, трговските односи кои бележат позитивен тренд на развој и претставуваат добра основа за понатамошен развој и унапредување на севкупните економски односи, како и интензивната прекугранична соработка во повеќе области.

Во поглед на актуелната политичка состојба во државата Адеми се осврнал на ситуацијата во земјата, нагласувајќи дека е важно решението за сите непосредни прашања да се постигне на конструктивен и сеопфатен начин и во согласност со стандардите за владеењето на правото.

Соговорниците се согласиле дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан е во интерес и на Република Грција во согласност со Солунската агенда и дека ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и економскиот просперитет на целиот регион.

Фото: МИА

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com