HomeДЕНЕШНАПолитика(Видео) Николовски обвинува за негрижа за безбедноста на храната – АХВ демантира

(Видео) Николовски обвинува за негрижа за безбедноста на храната – АХВ демантира

Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ, упати обвинувања до Агенцијата за храна и ветеринарство за негрижа за безбедноста на храната.

„Огромниот скандал што го откривме, за катастрофалната негрижа за безбедноста на храната во Македонија е потврден од самата Агенција за храна и ветеринарство во нејзиниот Годишен извештај за работа за 2015 година.

Извештајот констатира дека иако во програмата на Владата за мониторинг на безбедноста на храната во Македонија за 2015 година предвидено било да се земат 2.075 мостри за анализа, вкупно се анализирале само 1.194 мостри и тоа во рок од само три месеци во 2015 година.

Ова е официјална потврда на скандалот објавен од наша страна.

Скандалот е уште позагрижувачки. Годишниот Извештај за работењето на Агенцијата за храна и ветеринарство за 2015 година открива дека во 2014 и 2015 година во Македонија не се испитува присуство на Генетски модифицирани организими (ГМО) во храната“, вели Николовски.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш ги демантираа тврдењата на Николовски, за негрижа на оваа институција за безбдноста на храната.

Според АХВ, Николовски, без елементарно познавање од областа, нестручно се обидел да ги изманипулира граѓаните, не само дека храната која ја консумираат наводно не е безбедна, туку и дека пазарот е преплавен со ГМО.

– Добро ќе беше пред да излезе на прес-конференција Николовски да се информира дека македонското законодавство кога е ГМО храната во прашање е порестриктивно и од европското. Во Република Македонија целосно е забрането производството, увозот и ставањето во промет на ГМО храна или храна која содржи ГМО состојки, се вели во реакцијата од АХВ.

Убаво е, истакнуваат, заради сопствениот и партискиот имиџ, Николовски да научи и дека во нашата земја, ниту досега, ниту во блиска иднина ќе се произведува ГМО храна, а што се однесува на увозот, на пазарот во земјава може да се увезе само храна за која со сертификат се гарантира дека не е ГМО ниту дека содржи ГМО состојки.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com