HomeАЈНШТАЈНИЈААрхеологија и ИсторијаБилазора доби монографија, тајните на Пајонците на три јазици

Билазора доби монографија, тајните на Пајонците на три јазици

Вчера на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ во Свети Николе беше промовирана монографијата „Античка Билазора – престолнина на независните Пајонци“. Издавачи се Универзитетот и Народниот музеј од истиот град, а во неа се поместени научните резултати од досегашните археолошки истражувања на раноантичкиот град Билазора во овчеполскиот локалитет Градиште кај селото Кнежје.

Археологот, Драги Митревски е автор на книгата која е објавена на македонски и руски и на македонски и англиски јазик. Тој ја предводи истражувачката екипа која во изминатите осум години интензивно работеше на локалитетот каде што од 7 до 2 век пр.н.е. постоел античкиот Билазора – најголемиот град во Пајонија кој бил и нејзина престолнина во 5 и 4 век пр.н.е. Во истражувањата на локалитетот учествуваа и студенти од Државниот универзитет „Тамбов“ во Русија.

Драги Митревски укажа дека целта на изданието е секој да знае барем основни работи за градот Билазора кој, како што рече, имал репрезентативна архитектура и техника на градење и украсување какви што нема ни денес. Покрај за промоција на општината, книгата ќе биде корисна за археолозите кои, рече тој, нема да чекаат 10-20 години за публикација од истражувањето, а со неа ќе се избегнат шпекулации и неточни информации за овој локалитет, како на пример, неговото погрешно поврзување со Велес. „Книгата не е најважната работа, туку најзначајно е тоа што се отвора нов пристап во однос кон културното наследство, нов начин на соработка на повеќе институции и тоа што сите ќе имаат бенефит. Порано археологијата и културното наследство се доживуваа како потрошувач кој троши, а не носи пари. Целта на оваа книга е да го каже спротивното“, рече Митревски.

„Се очекува по целосното истражување локалитетот да стане туристичка атракција за домашни и странски посетители. За таа цел Општина Свети Николе направи асфалтиран пат до локалитетот“, информираше градоначалникот Зоран Тасев. Јордан Ѓорчев од Славјанскиот универзитет додаде дека откривањето на локалитетот за јавноста ќе донесе многу луѓе како што Билазора, рече тој, била топ-дестинација во антиката. На промоцијата се обрати и аташето за култура во Руската амбасада Михаил Лушин кој подвлече дека учеството на руски студенти во истражувањата уште повеќе ја продлабочува соработката меѓу двете, како што рече, братски и духовно блиски земји.

На локалитетот Билазора континуирано во фази постоеле четири града еден врз друг, а како престолнина на независните Пајонци опстојувала во 5 и 4 век пр.н.е., како и во 3 век пр.н.е., но тогаш веќе била урната владетелската палата. Од 5 до 3 век пр.н.е. била независна пајонска држава со своја династија и владетели што ковале свои монети, имале своја политика и ритуално се крунисувале во водите на Брегалница. Локалитетот е истражен околу 60 отсто и досега се откриени остатоци од пет градби со богата фрескодекорација – владетелската палата, култен базен што служел за водоснабдување, фортификациски систем околу акрополата и објект од јавен карактер кој бил стоа, храм или имал друга намена и кој засега е најзагадочен. Откриени се и питоси во кои се складирало жито.

Сите пронајдоци се илустрирани во монографијата, заедно со фазите на истражување и откривање. Најдени се над илјада артефакти, луксузни керамички садови и накит, парчиња алат, монети кои се презентирани во Народниот музеј во Свети Николе. Покрај книгата, вчера е промовирана и веб-страница билазора.мк.

извор:Утрински весник

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com