HomeДЕНЕШНАРегионБелград нема да го поддржи, но нема ни да го спречи спорниот референдум на Република Српска

Белград нема да го поддржи, но нема ни да го спречи спорниот референдум на Република Српска

Српскиот претседател, Томислав Николиќ и премиерот на Србија, Александар Вучиќ по средбата со лидерите на РС во Белград, соопштија дека нема да го поддржат спорниот референдум, но и дека нема да интервенираат во обид да го спречат.

На состанокот присуствуваа и претседателот и премиерот на РС, Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ, од владејачкиот Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД), како и српскиот член на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, и претседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, Младен Босиќ, кои го претставуваат блокот опозициски партии на босанските Срби.

„Србија, без оглед на одредени разлики во видувањето на ситуацијата во регионот, секогаш ќе го поддржува српскиот народ, граѓаните на РС и нејзините институции“, се вели во заедничкото соопштение на Николиќ и Вучиќ.

Вучиќ изјави дека Србија секогаш ќе остане со српскиот народ во Република Српска. „Без разлика на различното согледување на политичките последици од референдумот, кои ги изнесовме на состанокот ние од Србија и политичките претставници на Србите од РС, можам само да порачам дека Србија секогаш ќе биде и ќе остане со нашиот народ во Република Српска“ – нагласи Вучиќ.

По состанокот, Додик одби да појасни дали властите во овој босански ентитет, ќе продолжат со референдумот или не.„РС е единствена во намерата да го одбрани Денот на РС и во оваа насока ќе ги продолжи своите активности“, рече тој.

Одржувањето на референдумот е закажано за 25 септември, а со него се оспоруваат надлежностите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Целта на референдумот е да се добие јавна поддршка, 9 јануари да се прославува како Ден на државноста на РС и покрај фактот дека Уставниот суд на БиХ, минатата година донесе одлука дека прославата на овој празник е неуставна и дискриминаторска кон граѓаните од овој ентитет, од несрпска националност.

Бошњачките политичари стравуваат дека ова е всушност претходница на обидот на РС да се отцепи од БиХ.

Планот за одржување на референдум го осуди и Советот за имплементација на мирот (СИМ), меѓународно тело одговорно за спроведување на Дејтонскиот мировен договор, потпишан во 1995 година, со кој беше завршена војната во БиХ. Од критики се дистанцираше единствено Русија, која е член на Советот и сојузник на босанските Срби.

Пред состанокот, Додик најави дека неговата партија ја разгледува можноста за одржување на референдум за отцепување во 2017 година, откако ќе утврди дали Република Српска има потенцијална иднина во БиХ.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com