HomeФЕР ПЛЕЈОстанатиБелгиска параолимпијка оди на евтаназија по игрите

Белгиска параолимпијка оди на евтаназија по игрите

Во петок вечер, на трката Т52 на 400 метри меѓу натпреварувачките на Параолимписките игри во Рио де Женеиро се очекува и Белгијката, Мариеке Верворт, спринтерка во количка. Следната недела, 37-годишната Мариеке треба да ја брани олимписката титула во трката на 100 метри, освоена пред четири години во Лондон, каде зеде и сребро на трката со количка на 200 метри.

Покрај овие успеси, таа вели дека Рио е нејзина последна желба, а по враќањето дома по можност со некој медал, ќе почне да го планира својот погреб. Имено, таа размислува за евтаназија со што ќе го заврши тешкиот живот со неизлечивата дегенеративна болест, поради која трпи болки, а има и ментални проблеми.

Напорни тренинзи
„Мојата кариера ќе се заврши по Рио. Веќе некое време размислувам за евтаназија. Секој ден е болен, а бројни се ноќите кога воопшто не спијам, а понекогаш отспивам само десет минути. Сепак, напорно тренирам иако и дење и ноќе се борам со болеста и се надевам дека кариерата ќе ја завршам на подиум во Рио. Постојат можности за освојување медал, но ќе биде тешко затоа што конкуренцијата е јака, вели Мариеке за јавноста.
marieke-vervort-1Белгиската параолимпијка вели дека по Игрите и простувањето со спортот ќе види што и носи животот и ќе ужива колку може, а има уште неколку желби што сака да и се остварат. Според написите во медиумите, Мариеке донела конечна одлука за евтаназија и наводно го одредила датумот во 2017 година. Таа дури има идеја каков да биде погребот.

„Сакам сите да имаат чаша шампањ в рака и да мислат на мене“, вели Мариеке.

Верворт верува дека евтаназијата е единствена опција која и преостанува. Во францускиот весник Le Parisien ги опиша маките кои ги доживува секојдневно и вели дека планираното окончување на животот и донело мир.

„Сите ме гледаат како се смешкам со златниот медал, но никој не ја гледа мрачната страна“, вели Мариеке, која во 2000 година остана делумно парализирана поради ретка болест, а состојбата постојано и се влошува. Поради бессоните ноќи параолимписката спринтерка во количка често губи свест. Повремено пие морфиум, а напорните тренинзи се исклучиво резултат на нескршливата волја.

„Кога седам во мојата тркачка количка, исфрлам од себе се, сите мрачни мисли, се борам против тагата, патењето, фрустрациите. Така ги освоив своите медали“, вели Мариеке.

Откако болеста ја парализирала, Мариеке почнала да игра кошарка во количка, а се натпреварувала во триатлон. Но, во 2008 година состојбата и се вложила и не можела повеќе да настапува во триатлон па се свртела кон трките со количка, во што постигна големи успеси, а освен параолимписките медали од Лондон, Мариеке е и светска шампионка.

Евтаназијата легализирана во 2002 година
Евтаназијата во Белгија е легализирана во 2002 година и за неа е потребно писмено одобрување од тројца лекари. Белгија е втора земја која ја легализира евтаназијата. Холандија го направи тоа една година порано.

Според статистиките од 2002 година околу 1.400 луѓе во Белгија се одлучиле животот да го завршат со евтаназија, а тоа се луѓе со болест во терминална фаза или со хронични болести кои моментално не им го загрозуваат животот. Законот со кои се регулираше евтаназијата неодамна е проширен и опфаќа термално болни деца, за кои освен потврдите од лекар треба согласност и од родителите.

Во Белгија направени се и неколку двојни евтаназии, а меѓу нив и 45-годишните глуви близнаци, Марк и Еди Вербесем кои во 2014 година добија дозвола за евтаназија откако дознаа дека двајцата ќе ослепат.

Во последно време „неподносливо патење“ е се почеста причина за евтаназија, а еден од најсензационалните случаи е оној на 44-годишната трансексуалка, Ненси Верхелст, која побара евтаназија по неуспешната операција со која од жена требаше да стане маж, па се чувствуваше како „монструм“. Неодамна, Френк Ван Дер Бликен, силувач и убиец, стана првиот затвореник кој се избори за правото на евтаназија поради психичка болка и патење.

Ќе отвори ли случајот на параолимпијката Мариеке Верворт нови контроверзи, останува да видиме. Има многу заговорници на евтаназијата кои, исто така, предупредуваат на опасното користење на евтаназијата во неприкладни околности и на тој начин се шират законските оквири за нејзино спроведување, што може да има застрашувачки размери.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com