HomeДЕНЕШНАСкопјеАрхеолошки музеј: Не сме поплавени, чистевме со црево

Археолошки музеј: Не сме поплавени, чистевме со црево

Поплава во музејот нема, ниту имало, тврди Весела Честоева, директорка на Археолошкиот музеј на Македонија за Плусинфо. Вчерашната акција, според Честоева, била рутинско чистење со црево кое еднаш месечно го практикуваат вработените во музејот.

– Јас сум згрозена и ова е една голема срамота. Археолошкиот музеј вчера имаше нормална акција на чистење на влезот. Имаше црево со коешто се миеше дел од Археолошки: смет од пилиња, отпушоци и други отпадоци. И вие од сето тоа направивте приказна дека имало поплава – вели таа.

Од Градежниот институт „Македонија“ изјавија дека вчера не биле воопшто повикани од Музејот за да ја испитаат состојбата и затоа немаат информации дали воопшто имало поплава во Археолошкиот музеј.

Цивил Медиа вчера објави фотографии од жени кои околу пладне ја чистеле водата од плочките пред Музејот.

Подрумите на Археолошкиот музеј на Македонија беа поплавени во 2013. Тогаш со помош на пумпи беше црпена водата од подрумите на Музејот, како и на Уставниот суд и ТЦ „Буњаковец“. Во официјален документ Градежниот институт „Македонија“ тогаш го потврди постоењето на подземни води:

– Карактеристично за сегашниот период е состојба на висок водостој, анализирано во последните 20 години, има доста високи, дури и екстремни нивоа на подземни води – стои во информацијата на ГИ „Македонија“.

Слични поплавувања на подземни простории имало и во „Тифани“, „Еуростандард банка“, Соборниот храм, галијата која пропадна во Вардар, новиот МНТ, а неодамна на поплавени подруми се пожалија и вработени во Министерството за надворешни работи.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com